Чешка фирма наредните 15 години ќе стопанисува и ќе го одржува системот за улично осветлување во Охрид. Фирмата „ИСЦ-Системи“ од Карлови Вари по пат на јавно приватно партнерство наредната деценија и пол ќе инвестира во подобрување на осветлувањето во градот, како и негово одржување.
Како што беше појаснето од локалната самоуправа, станува збор за бонитетна и силна компанија на ниво на Европа, што професионално се занимава со улично осветлување, која со договорот е обврзана да вложи 3,57 милиони евра во подобрување и проширување на системот за јавно осветлување во Охрид.
Во согласност со изработената физибилити студија, приватниот партнер треба да изврши замена на 7.627 постоечки со енергетски ефикасни светилки, како и дополнително да изведе 620 нови светлосни места. Истовремено, треба да се изврши замена на постојните четири илјади конзолни држачи кои се поставени на дрвени столбови со метални столбови коишто по стандарди одговараат за улично осветлување.