Со доделување на наградите синоќа во Музејот на Град Скопје се затвори 19. БИМАС „Баукултур“.
На присутните им се обрати претседателот на 19. БИМАС, Владимир Десков кој ги сумираше случувањата во рамки на манифестацијата. Посочи на се помалиот број на трудови кои учествуваат на Биеналето. Тој смета дека во овие услови БИМАС треба да се организира на нов, различен начин и тој својот предлог за нов вид на организација во писмена форма ќе го достави до УО на ААМ, се со цел БИМАС да стане помасовна и попосетена манифестација на архитектурата.
Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ, Мартин Пановски ги поздрави присутните и додели благодарници на сите оние кои помогнале да се одржи манифестацијата. Се заблагодари и на своите соработници од Управниот одбор на ААМ и организациониот одбор на БИМАС.
Претседателот на комисијата за додела на наградите на БИМАС, Билјана Филиповска во своето обраќање се заблагодари на комисијата која работеше во состав : Ана Радоњиќ УО при ААМ, Анета Христова, Бујар Муча, Зорица Пенџерковска, Бранислава Ѓорѓевиќ -Атанасовска и Никола Томовски. Говореше за за нималку наивната и сурова реалност во која се создава нашата архитектура, автономијата на архитектурата, но и нејзината комформистичка врска со масовната потрошувачка. Таа напомена: „За одбележување е дека ова Биенале имаше скромен број на презентирани проекти во сите категории. Имајќи ги во предвид амбициите на оваа манифестација да ја презентира двегодишната архитектонска продукција и да ја документира, не ставајќи го во преден план натпреварувачкиот карактер, Комисијата го изразува своето мислење за посериозно потикнување на авторите од страна на ААМ и селекторот на БИМАС за побројно учество“.
На БИМАС се доделија три награди.
Во категорија архитектонски проекти награден е проектот за станбена куќа Стаматовски во Скопје на авторите Невенка Манчева- Аџиевска и Марија Антиќ-Николова.
Добитник на награда од областа на реализиран ентериер и дизајн е авторот Маргарита Поповска за Градинката Grenn House (Зелен дом) во Скопје.
Билјана Филиповска напомена дека овој пат комисијата едногласно одлучила Големата награда на БИМАС 2018 да се додели за деловниот објект „Челзи бизнис центар“ лоциран во центарот на Скопје, автор Ѓорѓи Мојсов, соработник Оливија Мојсова, архитекти во бирото ГМС од Скопје.
Награди во останатите категории не се доделени, поради отсаство на трудови од областа на индустрискиот дизајн и веќе децениска реалност, квалитетот и сериозноста на урбанистичките планови.