Архитектонските фирми Onda Arquitectura и Checa Arquitectura стојат зад проектот за пешачкиот мост Онда Атлантика долг 283 метри во Лас Палмас, на шпанскиот остров Гран Канарија.
Имено, прогресивниот урбан развој направи фреквентниот пат да го одвои брегот од остатокот на градот, а градските власти имаат за цел повторно да ги поврзат овие две зони со рекреативни капацитети покрај брегот. Онда Атлантика е само еден од многуте амбициозни планови за таа визија да се претвори во реалност.
Така, локалните архитектонски фирми Onda Arquitectura и Checa Arquitectura добија задача да проектираат и изградат мост како уникатен структурен систем кој е и цврст и лесен по својата естетика, пишува DesignBoom.
Може да се забележи дека мостот има скулпторски карактер и дека на неговите краеви суптилно навлегува од една страна во помал плоштад, а од друга директно во шеталиштето на пристаништето.
Овој пешачки мост се протега над јавните простори, без навидум видливи структурни напори. Забележливи се и три големи распони од 63 метри без дополнителни носачи, а мостот дава необично чувство на леснотија.
Брановитиот облик на мостот е резултат на ограничувањата на локацијата, каде што е неопходно да се избегнат постоечките дрвја.
“Програмските барања кои вклучуваа присуство на пешаци, велосипедисти и пристапни приоди се решени со едноставна инфраструктура, избегнувајќи какви било диференцирани елементи како што се скали и помошни лифтови“, велат од архитектонскиот тим.
Попречниот профил на мостот во форма на буквата V е од потребата да се ублажи акустичкото влијание на автопатот преку кој минува мостот. Исто така, овој изразито триаголен облик го трансформира мостот во дводимензионален волумен под одредени агли, создавајќи илузија на заоблен лист хартија.
“Резултатот е многу иновативен структурен систем, исклучително ефикасен триаголен челичен профил кој не е вообичаен во светот на инженерство на мостови, способен да обезбеди закривени долги растојанија, со одлична програма за изведба и минималистичка естетика“, објаснуваат архитектите.
Со ширина од три метри и максимален наклон од шест отсто, нивото на подот на мостот достигнува максимална висина од 7,6 метри над нивото на автопатот, со што станува нов видиковец за градот.
Архитектите, исто така, истакнуваат дека развиле структурна шема инспирирана од поморскиот инженерски дизајн, давајќи ѝ на секоја компонента на овој пешачки мост структурна функција, освен на држачите на оградите.
На овој начин е развиен систем на ребра, односно рамки распоредени на секои 3,2 метри, кои се поврзуваат со челични плочи од 10 до 12 милиметри. Секој од 18-те елементи тежи 40 тони и е склопен во металуршкото производство во Севиља, а потоа со брод е транспортиран до градилиштето.
Мостот потоа е обложен со трислојна боја со метална завршница што му помага да се вклопи во урбаното ткиво во зависност од дневната светлина, а исто така обезбедува соодветна заштита од корозија поради локалните климатски услови.