Зградата на Централната пошта во Скопје е вклучена на списокот на седумте најзагрозени локалитети во Европа за 2021 година, соопшти вчера паневропската федерација за зачувување на културното наследство, Европа Ностра.
Листата на седумте најзагрозени локалитети објавена е преку видео конференција, а како што изјави извршниот потпретседател на Европа Ностра, Гај Клаус, целта на листата е да предупреди на сериозните закани со кои се соочуваат овие локации.
Покрај поштата во Скопје, на списокот се и манастирот на Српската православна црква на Косово и Метохија, Високи Дечани, австрискара Ахензе железница стара 133 години, историските гробишта Мирогој во Хрватска, пет грчки острови на југот на Егејското Море, ренесансната градина Giusti во Верона и црквата во карпата Сан Хуан во Кантабриа во Шпанија.
„Од извонреден средновековен манастир до исклучителна ренесансна градина, од индустриски и модерни градби до култни пејзажи, овие места се важни сведоштва за нашето заедничко минато, меморијата и идентитетот“, вели Клаус.
Европската комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади, Марија Габријел по повод објавување на листата изјави дека културното наследство на Европа е „нашето минато, сегашност и иднина“.
Мирогој, Хрватска
„Тоа го заслужува нашето најголемо внимание и заштита. Преку седумте најзагрозени програми, го ставаме европското наследство во центарот на вниманието, подигајќи ја свеста за одржлива иднина на избраните локации“, рече таа.
градината Giusti во Верона
Зградата на Централната пошта во Скопје, претставува вредно архитектонско дело на архитект Јанко Константинов (1926-2010) и беше дел на изложбата во њујоршка МоМА. Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени. Оттогаш до денес објектот е во очајна состојба и покрај апелите на јавноста и архитектите ништо не се случува.
Благица Стојчевска, раководителка на Самостојна служба за градежништво и инвестиции во АД Пошта на Северна Македонија, вели дека во последните година-две интензивно работат на валоризација на опожарениот објект Шалтер сала на Централната пошта во Скопје, негова категоризација како заштитено културно наследство на државата и создавање и изноѓање на можности за негово обновување и повторно заживување.
„Целта е објектот да ја добие вредноста која ја заслужува, повторно да блесне во сиот свој сјај и конечно да биде вратен во функција на граѓаните и идните генерации“, изјави Стојчевска минатиот месец за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Игуменот на манастирот Високи Дечани, Сава Јањиќ, изјави дека се надева дека фактот што манастирот е на списокот на седумте најзагрозени локалитети ќе придонесе за заштита на српското наследство на Косово и Метохија. „Длабоко сум убеден дека ова значително ќе придонесе за заштита на нашето чувствително наследство на Косово и ќе ја подигне свеста дека културното наследство повеќе е наменето да нè поврзе отколку да не разделува“, напиша Јањиќ на Твитер.
Високи Дечани, Косово и Метохија
Листата од седум најзагрозени локалитети за 2021 година ја состави Одборот на Европа Ностра од 12 предлози на меѓународни експерти, кои влегоа во потесниот избор, а изборот е извршен врз основа на исклучителното значење на наследството и културната вредност на секоја од локациите, како и врз основа на проценка на опасностите со кои се соочуваат.
Избраните седум локации исполнуваат услови за грант на Европската инвестициска банка (ЕИБ) до 10.000 евра кои ќе ги додели ЕИБ за да им помогне во спроведувањето на договорените активности кои ќе придонесат за спасување на загрозената локација.