До крајот на септември не смее да се изведуваат градежни работи на дел од територијата на општина Центар. Одлуката се однесува за просторот кој се наоѓа меѓу улиците „Мито Хаџивасилев Јасмин“, „Кочо Рацин“, „11 Октомври“ и „Македонија“, објави „Утрински весник“.
Ваквата одлука едногласно ја донела мнозинството советници во Советот на Општина Центар на вонредна седница што се одржа во саботата, а на која не присуствувале опозициските советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Според официјалното соопштение од Општина Центар, одлуката се однесува на периодот од 23 мај до 30 септември и е во согласност со Законот за градење. Од таму не ги коментираат причините за ваквата одлука, но неофицијално се говори дека општинското раководство било принудено на таков чекор со цел да им излезе во пресрет на барањата на локалните граѓани, со цел да се превземе нешто и да се спречи изградбата на катна гаража на паркингот кај „Автомакедонија”.
Локалните граѓани на неколку пати со протестни собири, разни иницијативи, барања, жалби, делење флаери и сл. се обидуваат да кажат „СТОП” за узурпирање на единствениот преостанат слободен простор. Во близина веќе имаат нова катна гаража до некогашен Цветен пазар, а околните згради се забарикадирани со градби во духот на проектот „Скопје 2014″, кои „никнаа” на местото на зелените појаси и парковите спроти „Бристол”.
Претходниот општински состав, по многу расправии и кавги, го донесе ДУП-от во 4 часот наутро, и со тоа на парцелата на која беше предвидено паркирање на едно ниво се дозволи изградба на катна гаража која „порасна“ од 3 на 30 метри.
Парцелата беше продадена во јуни 2012 година по цена од 6.150 денари од метар квадратен, или 124.500 евра за 1.245 метри квадратни.
Од Центар претходно објавија дека инвеститорот „Никофон” имал 9 месеци за да обезбеди одобрение за градење, во спротивно – договорот е ништовен. Продадената парцела на „Никофон” не ги исполнувала тие услови. Претходно соопштија дека Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во два наврата имала издадено негативни мислења околу стандардите за заштита при пожари. Но, и покрај реакциите и претставките од станарите, ДЗС во октомври, по истекот на договорот, го сменила Правилникот со кој се укинуваат одредбите, па е дадено ново, трето, овој пат позитивно мислење за проектот.