Административниот центар за културно наследство на Саудиска Арабија ќе го проектира реномираното архитектонско студио Zaha Hadid Architects на неодамна починатата архитектка.
Во конкуренција за новата зграда на градот Diriyah, победи студиото основано од Заха Хадид. Изградбата на објектот од 8780 квадратни метри е дел од зачувувањето на светското културно наследство на долината Wadi Hanifah во Саудиска Арабија, предводено од страна на УНЕСКО.
Како што може да се види од рендерите но и во анимацијата, објектот е со аморфна форма типична на Заха Хадид. Нејзиното студио (Zaha Hadid Architects), очигледно ја следат патеката која ја поплочила славната архитектка.
Новиот објект содржи галерија, библиотека, училници и образовни простори за сите возрасти. Постои идеја да се реализира и научна институција во која ќе бидат обработувани и чувани резултатите и документацијата од теренските истражувања ширум Diriyah, пишува Designboom.
Проектот на бирото Zaha Hadid Architects е дизајниран во согласност со географскиот и културен контекст на самата област, со фокус на интеракцијата помеѓу човекот и природата.
Целиот објект е формиран околу мало езеро, така што централниот дел на објектот е организиран како атриум. Во четирите зони на објектот се интегрирани зелените оази.