Оваа година, Наградата на Порта 3 од областа на екологијата му припадна на Здружението на граѓани „Центар за климатски промени“, а тоа е непосреден повод за подетален приказ на нивните активности, преку интервјуто со претседателката на Здружението м-р Бојана Станојевска-Пецуровска.
Станува збор за организација која е формирана во 2008 година со главна цел заштита и унапредување на животната средина и борба со климатските промени. Состојбата со животната средина и сè поголемите предизвици поврзани со ефектите од климатските промени не само на глобално туку и на национално ниво беа едни од главните причини за формирање Центар за климатски промени чиј фокус е поддршка на индустријата со цел подобрување на еколошките и енергетски перформанси, подигнување на свеста за потребата од континуирани активности за намалување на негативните ефекти од климатските промени сè со цел намалување на CO2 емисиите и формирање еколошки одговорно општество. Нашата организација е основана од професионалци кои имаат големо познавање на климатските промени и проблемите со животната средина. Освен делувањето во насока на коректор и критичар на националните и локалните политики, едукација на пошироката јавност и посебно на децата и младите, исклучително сме посветени и на фактот нашите вработени и нашите соработници да практикуваат одржливи навики во секојдневниот живот. Селекцијата на отпадот и покрај тоа што изостанува од праксата на поголемиот дел на граѓаните сепак нашите вработени ја практикуваат секојдневно, а селектираме отпад и во нашите канцеларии. За пристигнување на работното место вработените најчесто користат велосипед, или доаѓаат и си одат пеш, а кога тоа не е можно најчесто користат јавен превоз. Сметаме дека со овие практики поттикнуваме позитивни промени кај нашите пријатели и соработници, особено затоа што не само што ги советуваме за примена на вакви практики туку имаат прилика и тие да ја видат користа од ваквите навики кои ги применуваме“, вели Станојевска-Пецуровска.
„Долгогодишното искуство и континуираната работа ни овозможи одлична соработка со многубројни организации како што се универзитети, јавни институции, експерти и други невладини организации не само од Македонија туку и од регионот па и од цела Европа. Ваквата соработка ни овозможува размена на искуства, примена на добри пракси за ублажување и адаптација на климатските промени и подобрување на состојбата со животната средина, а истовремено и можност за подобрување на нашата работа и зајакнување на капацитетите на нашите вработени. Во моментот сме во фаза на проширување на нашиот тим, при што главно таргетираме млади луѓе од техничките факултети во Македонија. Наши долгогодишни соработници се главно професори од техничките факултети кои постојано ја следат нашата работа и ни помагаат во спроведувањето на активностите. Со ваквиот пристап, не само што ги адресираме проблемите, туку нудиме и подлабоки квантифицирани анализи со прецизни показатели на состојбите и соодветни алтернативи и решенија за нивно надминување. Во овој контекст сакам да посочам дека ние бевме еднa од првите организации во земјава која пред повеќе од една деценија работеше проект за подобрување на енергетската ефикасност во индустријата“, истакна Пецуровска.
Климатските промени сè повеќе се посочуваат како најголема глобална закана на денешницата. Колку во нашата средина луѓето ги препознаваат предизвиците поврзани со климатските промени, и како на тоа влијае вашиот ангажман?
Во однос на свеста за климатските промени и влијанието на промената на климата на национално ниво можеме да кажеме дека постои одреден прогрес во однос на перцепцијата на граѓаните особено споредено со периодот пред 2010 година кога луѓето не ги препознаваа последиците од климатските промени и едноставно не веруваа дека одредени настани се последица на зголемените просечни температури на глобално ниво. Во моментов може да се истакне дека перцепцијата на граѓаните е променета и веќе во голема мера се препознаваат негативните влијанија од климатските промени, како и потребата од поголема грижа за животната средина. Фактот што сè поголем број граѓански организации одлучуваат да работат на оваа тема јасно зборува дека граѓаните сè повеќе се свесни и ја чувствуваат потребата од здружување со цел координирана акција за борба со климатските промени. Сепак недостигаат активности и континуирана работа коишто според нас се условени од правилната комуникација на предизвиците од климатските промени. Неопходно е соодветно и навремено информирање за причините и последиците од климатските промени со што ќе се овозможи соодветен одговор и превенција на населението, а особено на ранливите групи. За таа цел ние продолжуваме активно да комуницираме со сите засегнати страни, обезбедуваме насоки и совети за ублажување на климатските промени и адаптација, затоа што грижата за животната средина започнува од секој поединец. Медиумите имаат многу важна улога во едукација и подигање на свеста за овие проблеми, но генерално потребно е и новинарите да бидат поедуцирани и почесто да објавуваат истражувачки стории.
Платформата 27 и изработката на Извештајот во сенка за животната средина е своевидна новина и пресвртница кај нас. Впрочем, овој проект беше и главната референца за добивањето на Наградата нa Порта 3. Како ја препознавте потребата од вакво делување?
На проектната идеја работевме уште од 2019 година, а долго време пред тоа имавме потреба да реализираме ваква активност но чувствувавме одредена неподготвеност за реализација. На успешната апликација во Цивика Мобилитас програмата ѝ претходеа неколку неуспешни апликации, но упорноста и напорниот труд во јуни 2020 ни го донесоа проектот: Граѓанска платформа за следење на преговорите со ЕУ за Поглавје 27, чија главна цел е да ги следи преговорите со ЕУ за Поглавјето 27 – животна средина и климатски промени, односно преку соработка на граѓанските организации активни во областа на животната средина да подготви и презентира „извештај во сенка“ (shadow report) за сегашната состојба, предизвици и идни приоритети во областа на животната средина и климатските промени. Слични активности веќе беа реализирани од граѓанскиот сектор од регионот па следејќи ги нашите колеги од Западен Балкан во моментот кога државата го реализираше објаснувачкиот состанок за Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени во Брисел на кој Европската комисија даде објаснување за европската регулатива (директиви и регулативи) кои ќе бидат дел од ЕУ-преговорите, решивме да почнеме со мобилизација на финансии за реализација на идејата. Во суштина, ова е само почеток на нашата понатамошна работа на ова поле со која очекуваме да бидеме вистински партнер во водењето на преговорите за ова поглавје. Знаеме дека поглавјето за животна средина е едно од најскапите и најкомплексните за реализација па колку повеќе чинители се вклучат во процесот толку полесно ќе можеме да се усогласиме со барањата на ЕУ. Самиот факт дека трошоците поврзани со обврските кои произлегуваат од Поглавјето 27 се диспропорционално поголеми во однос на трошоците поврзани со другите поглавја, односно дека приближно 30 % од севкупното законодавство што треба да се транспонира е законодавството за животна средина за чија имплементација се потребни повеќе од 50 % од инвестициските трошоци за една земја кандидат јасно зборува за тоа дека потребни се многу напори, човечки ресурси, посветеност и финансии за имплементација на барањата од ЕУ- законодавството. Поглавјето 27 претставува значаен административен и лидерски предизвик за сите земји и затоа навремената подготовка за преговарање со ЕУ за ова поглавје е многу значајна. Во процесот на подготовка е многу важно да се води континуиран дијалог со релевантните засегнати страни. За Поглавје 27, еден од најважните и значајни чинители се граѓанските организации (ГО) кои се активни во секторот животна средина и климатски промени. Се радувам што можам да кажам дека Министерството за животна средина ја препознава работата на граѓанскиот сектор и покажа спремност за соработка со нас на овој проект. Се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина, а ние активно и успешно ќе го следиме усогласувањето на законодавството и неговата имплементација на локално и национално ниво.
Дали креаторите на политики кај нас и донесувачите на одлуки ги уважуваат соодветно сугестиите и барањата на невладините организации или пак се обидуваат само да запазат некоја формална страна?
Постои одредена неконзистентност во поглед на прифаќање на мислењето на граѓанскиот сектор, иако состојбата не може да се генерализира затоа што некои институции покажуваат поголем интерес за соработка, покажуваат интерес да го слушнат нашето мислење, но постојат и такви кои не ги прифаќаат нашите коментари и нè вклучуваат само затоа што имаат законска обврска да го прават тоа. Исто така во некои ситуации, иако во почетокот сме вклучени од страна на одредена институција во процесот на подготовка на одредени законски или подзаконски решенија или стратешки документи, неретко се случува понатаму истата таа институција да го игнорира нашето мислење или коментар во одредено прашање. За жал ретки се институциите кои вистински сакаат да го слушнат нашето мислење и покажуваат интерес за соработка, и за жал ќе мора да се сложам со Вашата констатација во прашањето дека најчесто граѓанскиот сектор е вклучен само поради исполнување на законските прописи.
Нашите капацитети ретко се користат и од страна на локалната самоуправа чии капацитети се далеку послаби во однос на спроведување на законодавството на локално ниво. Неспорно е дека нашите капацитети може да придонесат затоа што во граѓанскиот сектор постојат професионалции чии капацитети чекаат да бидат искористени не само во процесот на носење одлуки туку и за подобро спроведување на законодавството за животна средина, како и со конкретни проекти и решенија за заштита на животната средина, подобрување на енергетската ефикасност и сл.
Активни сте и на полето на популаризација на зелената економија и енергетската ефикасност во индустријата. Кои се вашите најзначајни проекти, но и идни планови во овој сегмент?
Да, сметаме дека зелената економија треба да биде движечка сила во секое општество и секое претпријатие, односно секој кој остварува некаква активност особено комерцијална потребно е да размислува „зелено“ односно одржливо. Во ова време кога конзумеризмот и брзиот раст се главна движечка сила на скоро секоја економија, особено е важно да се посветува внимание и да се промени начинот на водење бизнис, начинот на производство, начинот на живот, сè со цел да направиме подобро општество, односно да обезбедиме поквалитетен живот. Ние веќе реализиравме проект за зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за имплементација на концептот на зелената економија, во периодот септември 2019 – март 2020 година. Но, освен со граѓанските организации, работевме и со одреден број мали компании, на кои во склоп на проектот им изработивме зелени акциски планови, со препораки за заштеда на енергија, управување со отпадот и ефикасно користење на ресурсите. Реализиравме и проект за производство на енергија од отпад, бидејќи од особено значење за одржливиот развој е конечно да се перципира и отпадот како ресурс, со оглед дека тоа е веќе пракса во развиениот свет. Во текот на оваа година планираме поактивно да ѝ пристапиме на индустријата со цел да понудиме соработка во насока на намалување на емисиите на стакленички гасови, да понудиме решенија за декарбонизација, да ги разгледаме можностите за примена на концептот на циркуларна економија и можностите за заштеда на енергија. Индустрискиот сектор значајно придонесува не само во емисиите на CO2, туку и за другите загадувачки супстанции и токму затоа голем број од нашите активности и досега, а и во иднина ќе бидат насочени кон овој сектор.
Загадувањето на воздухот е дежурна тема кај нас и незаобиколна особено во зимските месеци. Како да се подобрат овие состојби?
И оваа состојба за жал нема да се подобри во блиска иднина, затоа што загадувањето на воздухот не може да се реши брзо дури и доколку има на располагање доволно финансиски средства. Подобрувањето на квалитетот на воздухот, односно постигнувањето на граничните и целни вредности, условува долгорочна напорна работа на повеќе сектори. За да обезбедиме подобар квалитет на воздухот потребно е проблемите да се анализираат и со нив да се управува интегрирано, но најважно од сè е да се делува истовремено во секторите: енергетика, индустрија, греење на домаќинства, урбанистичко планирање, сообраќај и транспорт и управувањето со отпад. За да може да се имплементираат и интегрирано да се управува и следи состојбата со сите овие сектори од аспект на аерозагадување потребно е да се подготви долгорочна (најмалку 10-годишна) стратегија чија имплементација ќе биде координирана од еден орган кој ќе го сочинуваат претставници од сите релевантни сектори. Таквата стратегија треба да биде пропратена со Акциски план за чија реализација ќе биде обезбеден соодветен буџет. Ние се трудиме проектите од оваа област да ги реализираме со мултидисциплинарен пристап, преку лоцирање на причините, влијанието и последиците, но и нудење соодветни решенија и препораки. Во тој контекст посебно ни е важно да ѝ ги презентираме на јавноста здравствените последици од загадувањето, па во изминатата година го реализиравме проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот во прекуграничниот регион (TRAP)“. Проектот се реазлизираше на територија на Македонија (Пелагониски и Југоисточен Регион) и на територија на Грција (Општина Солун и Општина Флорина), во соработка со нашиот грчки партнер. Стратешката цел на проектот TRAP е создавање на ICT-апликација за интегрирање мониторинг на квалитетот на воздухот со индикатор за здравјето на загадување на воздухот во прекуграничната област. Квалитетот на внатрешниот воздух во објектите и институциите е исто така важно прашање за кое не се зборува доволно. Со цел подигање на свеста на оваа тема, спроведовме проект за мониторинг на квалитетот на внатрешниот воздух во сите основни училишта во Општина Карпош, во текот на 2020 и 2021 година. Изработивме и Студија за влијанието на COVID-кризата врз загадувањето на воздухот во Скопје. Имено, мерките на ограничување на движењето доведоа до значајно намалување на сообраќајот, но сепак во одредени периоди тоа не се рефлектираше соодветно и во намалување на загадувањето на воздухот, и тоа во летниот период. Во изработката на ваквите студии и анализи имаме воспоставено одлична соработка со професори од техничките факултети, како и со Институтот за јавно здравје, но и со други релевантни институции и експерти.
Сепак, мора да се истакне дека за да може да ја подобриме состојбата со аерозагадувањето потребно е да се направат сериозни реформи во повеќе сектори, а грижата за животната средина да биде приоритет на Владата. Потребна е силна политичка волја за да се адресираат проблемите и да се направат промени со цел подобрување на состојбата со квалитетот на воздухот.
На крајот би сакала да ја изразам мојата благодарност до редакцијата на Порта 3, за тоа што ја препознаа нашата работа и ни укажаа чест со Наградата, но и за поддршката која ни ја даваат во сите изминати години со медиумското покривање на дел од нашите активности. Ние и натаму ќе останеме посветени на заштитата на животната средина, и се надеваме дека грижата за животната средина ќе биде секојдневие на што поголем број луѓе, а надлежните институции ќе ги извршуваат своите обврски доследно и професионално.