Римскиот театар на локалитетот Скупи, кој потекнува од втори век од наша ера, целосно ќе се реконструира до 2017 година. Ќе бидат обновени сценската зграда и околу 10.000 седишта во гледалиштето, со што локалитетот ќе биде оспособен за културни манифестации.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски денеска го посетија локалитетот, кој е пранаселба на денешниот главен град. Задоволни се од активностите од овој капитален проект на Владата на РМ.
„Римскиот театар беше покриен од големи наноси на земја и истражувањето беше многу сложено. Резултатите се огромни и видливи и, според динамиката и додека дозволуваат временските услови, оваа година ќе се заврши целокупното истражување на Римскиот театар. Интензивно се работеше и на сценската зграда на театарот и во септември ќе се изработи проект за нејзина конзервација“, рече Канческа-Милевска.
Следните чекори од реализацијата на проектот за Римскиот театар во Скупи: во 2015 година се конзервација на сценската зграда, која има многу зачувани елементи, во јануари треба да се направи проект за целосна конзервација на гледалиштето на театарот, од кој е откриен уште еден лак, а по изработка на проектот ќе следува тендер за реконструкција. Се работи за голем театар кој имал околу девет до десет илјади седишта.
Покрај истражувањето на објектите на локалитетот, најдени се и артефакти од неколку периоди. Предметите се конзервираат паралелно со истражувањата на терен.
„При ископувањата се најдени интересни и значајни наоди. Меѓу нив би ги издвоил праисториските наоди на два гроба од железно време, потоа над 50 гробови од средновековниот период, датирани со монети, над три и пол илјади предмети кои ги инвентариравме, кои се конзервирани и чекаат да бидат изложени пред јавноста“, рече Антонио Јакимовски, раководител на истражувањата на Скупи.