Областа на Медитеранот стана „жешка точка“ за шумските пожари, а состојбата е најсериозна во Турција каде топлотниот бран е најдолготраен и генерира ризик за понатамошни пожари, но и сериозно аерозагадување низ целиот регион. Ова го заклучуваат научниците од European Union atmosphere monitor. Во Турција огнот делумно зафати и термоцентрала, каде претходно биле испразнети сите резервоари на водород и други запаливи материи за да се превенираат експлозии.
Топлотниот бран во Југоисточна Европа која во одредени региони резултира и со температури над 46 степени Целзиусови, се во значителна мера предизвикани од климатските промени резултат на активностите на човекот. Организацијата на ЕУ, Copernicus Atmosphere Monitoring Service (CAMS) вели дека топлите и суви услови им одат во прилог на шумските пожари, но клучен е човечкиот фактор, бидејќи над 90% од шумските пожари се резултат или на човечко невнимание или дури се и намерно подметнати. Чадот од овие пожари кој е јасно видлив и на сателитските снимки од регионот, генерира висока концентрација на цврсти честички во воздухот, односно сериозно аерозагадување низ целиот источен Медитеран. Долготрајното изложување на овој полутант е поврзано со зачестена појава на кардиоваскуларни заболувања и канцер на белите дробови. Особено е важно да се анализираат местата на пожари со висок интензитет, како и влијанието што емисиите на штетени гасови ќе го имаат врз локалното население. Италија, Албанија, Мароко, Грција, македонија, Турција и Либан се соочуваат со сериозни пожари уште од крајот на јули.