Се сеќавате ли на изјавата на поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, кој во телефонски разговор со својата, сега исто така поранешна колешка од МВР, Гордана Јанкулоска, во единаесеттата „бомба“ на СДСМ, ѝ се жалеше: „Ние сме лудаци, трошиме за чоколади, а немаме за леб“?
Тогаш тој ѝ рече: „Сега ќе даваме пари за сто слики за Археолошкиот музеј, а немаме… Човекот забега, изгуби контакт со реалноста“.
Сето ова Ставрески, кој до денес не е обвинет за никаков криминал од СЈО или од ОЈО, ѝ го кажува на својата колешка, сега обвинетата Јанкулоска и ѝ се исповеда за маките кои ги имал за да најде пари – и тоа не било колкави пари, туку фантастични 700 милиони евра, кои со години Министерството за финансии ги исплаќало за светски „најсмешниот“ владин проект, кој го осмисли и го реализираше владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски. – „Скопје 2014“.
Со штетите од поплавите, цехот ќе расте
Тие фамозно потрошени 700 милиони евра пари на даночните обврзници на Република Македонија, во суштина, се ни помалку ни повеќе туку точно 43 милијарди денари. Ова значи дека за сите избирачи во Македонија, сите потенцијални 1.814.644 гласачи, колку што се запишани во Избирачкиот список на ДИК од ланските избори, без разлика дали се вработени или се социјални случаи, пред Нова година можеле да добијат тринаесетта плата или новогодишен бонус од точно 23.600 денари.
Може е за неверување, но толку поранешната влада потрошила не за нешто друго, туку само за својот мега проект „Скопје 2014“, смислен за да даде една нова историска димензија на нацијата.
Патем речено, оваа бројка се однесува на периодот до декемвриската поплава во дел од објектите на „Скопје 2014“. Поради штетите од протекувањата од пред некој ден и поради евентуалните нови исти ситуации што би се случиле напролет (неизбежно, поради загрозеното корито на Вардар), бројката што со себе ја однесе матниот проект „Скопје 2014“ постојано ќе се зголемува.
За сите неправилности, за штедењето материјал и за непрофесионална изградба, наскоро, како што дознаваме, истрага ќе започне Јавното обвинителство, откако ќе го добие ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), чии екипи пред една недела од Министерството за култура ги зеле сите документи за овој проект на увид.
Самоисплатливоста – мислена именка
Како што дознаваме, документацијата е огромна. И јавноста знае дека таа „папирологија“ е толку голема што на својот последен прес, поранешната министерка за култура, Елизабета Канеческа – Милевска, која сега е обвинета од СЈО за криминал во случајот „Тендери“, предмет поврзан со дел од изградбата на „Скопје 2014“, самата излиста илјадници страници, оправдувајќи ја „чесноста“ на тогашната власт при изградбата на сите објекти. Самиот нејзин прес траеше рекордни два часа.
Нашите соговорниците од Министерството за култура потврдуваат дека ревизорите од ДЗР зеле сѐ – сите документи, планови за изградбата, за трошоци и стотиците договори и анекс-договори за градбите. Првично е констатирано дека заклучно со претпоследната поплава на низата објекти и штетата која ја претрпеа дел од овие објекти во големото невреме во декември лани, вредноста на потрошените пари за поправки во десетина објекти од проектот „Скопје 2014“ е точно 700 милиони евра, дознава Судство.мк. Во оваа математика е пресметано сѐ што е изградено, вградено, реконструирано и поправано во невидениот градежен потфат на владата предводена од Никола Груевски.
Овие објекти почетно беше пресметани дека државната каса ќе ја чинат само 50 милиони евра. Но, со тек на времето, тивко, цената им се зголемуваше, па есапот испадна 700 милиони евра или 43,05 милијарди денари.
После сите поплави, испукани подови и ѕидови, фушерајската изградба, „штедењето“ на вложениот градежен материјал, вредноста на секој од овие објекти, доколку еден ден би се продале и доколку би се оцениле како нефункционални, драстично ќе биде намалена.
Со оглед на фактот што граѓаните имаат сѐ помал интерес да ги посетат овие објекти, скапите влезници и високите цени за нивно изнајмување, засега никој со сигурност не може да каже кога со оглед на вложената сума, после колку децении секој објект поединечно сам ќе се самоисплати.
Објектите катастрофа, важи само уште гаранцијата за статиката
Имајќи предвид дека парите употребени за изградба на бароконото чудо „Скопје 2014“ се пари на даночните обврзници, тогашната влада можела целосно од корен да го промени инфрастуктурниот лик на земјата. И не само тоа. Можела да изгради дузина училишта, болници, да ги опреми АРМ и МВР, болниците и спасувачките служби, со најсовремена опрема, да изгради објекти за бездомници, да им даде вработување на бездомниците и на социјалните случаеви, да финансира проекти за да не ни се иселува младината и пак ќе останело за луксузирање…
Но сега, сите тие пари, како што се вели народски, се фрлени по Вардар – и фугуративно и фактички, барем за оние објекти кои се изградени на брегот на реката.
Овие милиониски суми на државните обврзници, фирмите и граѓаните се одвоени од Буџетот на Македонија.
– Објектите ги градеа Министерството за култура и Службата за општи и заеднички работи. Сега, само еден објект е останат под надлежност на СОЗР. Сите се веќе под „капата“ на Министерството за култура. На сите објекти им изминал гарантниот рок за поправки. На сила е само гаранцијата за статика. Деведесет и три отсто од објектите имаат аномалии со покривите. На некои места зградата на МНР е распукана – вели директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски.
Со следното невреме, што е најавено за деновиве, но и новото протекување на терасите и таваните во музеите и театарот кај старата автобуска станица, за санирање на објектите ќе бидат потребни нови пари.
Од Министерството за култура велат дека веќе имаат обезбедено пари и програма за санација на штетите во овие објекти. Нагласуваат дека поправката е планирана со почетокот на пролетта, кога ќе се подобрат и временските прилики. Од таму додаваат дека според проценките, најдобар и најиздржлив покрив кој не пропуштил ниту капка бил тој на Музејот на ВМРО. Сите други биле со аномалии.
Со еден збор, „Скопје 2014“ троши и кога ништо не се гради. И тоа крај нема…
Автор
Горан Наумовски