Државите од Западен Балкан ги надминуваат граничните вредности за емисии во воздухот од термоелектраните на јаглен, договорени со Енергетската заедница, и до шест пати за одредени тексични супстанци, се вели во новиот извештај објавен од CEE Bankwatch Network. Нашатa земја не е исклучок, со ТЕЦ Битола како главен прекршител.
Според истражувањето, вкупните емисии на сулфур диоксид од термоелектраните во Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Северна Македонија го надминуваат плафонот за 2018 година, договорен со Енергетската заедница преку Националните планови за намалување на емисиите, за повеќе од шест пати. Вкупните емисии на прашина се исто така над вкупниот плафон, и тоа над 60 отсто.
Нашата земја го надминува националниот плафон за сулфур диоксид за пет пати, а плафонот за прашина нешто повеќе од два пати. Во тие плафони се пресметани и придонесите на ТЕЦ Неготино и Рафинерија ОКТА кои што не работат веќе повеќе години.
Главните извори на емисии што преостануваат се ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј, со тоа што Осломеј има многу малку работни часови и соодветно на тоа и емисиите на загадувачки супстанци му се под договорените граници. ТЕЦ Битола, споредено со индивидуалните плафони за термоелектраната, емитувала 52.823 тони сулфур диоксид што е шест пати повеќе отколку што е максимално дозволено. Во однос на прашината ТЕЦ Битола емитувала 3.470 тони, што е за три пати повеќе прашина од индивидуалниот плафон.
Нашата земја, како и другите земји од Западен Балкан, се потписници на Спогодбата за Енергетската заедница. Оваа спогодба вклучува и цели за намалување на емисиите од индустријата кои беше потребно да бидат имплементирани најдоцна до 2018 година. Спротивно на спогодбата земјите ги прекршуваат своите обврски, а во некои случаи како што е тој со ТЕЦ Битола, количината на емитувани загадувачки супстанци во воздухот постојано се зголемува од година во година.
“Властите, како и менаџментот на ТЕЦ Битола, знаат за оваа обврска уште од 2006 година. Наместо навремени инвестиции во опрема за намалување на емисиите, со цел да се достигнат зададените плафони за 2018 година, доведени сме во ситуација кога ТЕЦ Битола треба значително да ги намали работните часови за да ги исполни обврските. Истовремено, за да се исполнат обврските за следната контролна година, 2023, потребни се огромни инвестиции во краток временски период. Ова може да биде погубно за македонската економија“, изјави Давор Пехчевски, Регионален координатор за аерозагадување во CEE Bankwatch Network и ко-автор на извештајот.
Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест вели дека инвестициите за доведување на ТЕЦ Битола во линија со најдобрите достапни технологии веќе можеа да бидат вратени како заштеди во здравствениот сектор. Според нашето истражување „Колку чини животот“, направено согласно методологијата на Светската здравствена организација, товарот на македонската економија од здравствените последици од термоелектраните е над 20 милиони евра годишно. Токму таа е проценетата вредност за реконструкција на филтерот на ТЕЦ Битола. Доколку сакаме искрено да се бориме против аерозагадувањето, мора да престанеме да им попуштаме на големите загадувачи. Овие инвестиции не се само правна обврска, тие се пред сѐ обврски за заштита на јавното здравје, дополни Чоловиќ Лешоска.
График од извештајот, со националните плафони (сино) и пријавените емисии (црвено) за 2018 година
Извештајот вклучува и препораки за тоа како владите на земјите од регионот можат да го подобрат следењето и контролата на загадувањето, но и како Европската унија може да делува преку зајакнување на механизмите на Енергетската заедница, за да не дозволува прекршувањето на легислативата да поминува неказнето.
Извештајот официјално ќе се презентира на 10-ти декември на настан во Европскиот парламент поддржан од пратеничката Viola von Cramon од парламентарната група Greens/EFA и пратеникот Petros Kokkalis од пратеничката група GUE/NGL.