Објектот наречен Catalyst е првата деловна зграда во државата Вашингтон (САД) изградена од вкрстено ламелирано дрво (Cross Laminted Timber – CLT). Како дел од универзитетскиот кампус на Универзитетот на Источен Вашингтон (Eastern Washington University) проектот е замислен да биде целосно интегрирана жива лабораторија за нови технологии за одржливост, материјали, градежни техники и дизајн.
Проектирана во Спокејн, Вашингтон, 5-катната зграда од 15.000 метри квадратни е изградена на неправилна локација, која била недоволно искористена и имала потреба од ревитализација. Зградата е поврзана со Универзитетскиот округ преку Gateway Bridge – пешачки мост што ги спојува двете основни области на Универзитетот.
Наменета на објектот е простор каде што индустријата и академијата можат да се вкрстат за да иновираат и да соработуваат. Проектната задача предвидувала проектирање на објект со флексибилни простори и за канцелариски и за академски мултифункционални намени. Главниот корисник на објектот е Универзитетот, каде има многу академски програми, вклучувајќи бизнис-администрација, компјутерско инженерство, дизајн, електротехника и маркетинг. Во блиска иднина, Catalyst ќе вдоми и корисници од приватна индустрија. Ова ќе им овозможи на студентите и на факултетот на EWU да работат заедно со индустриските лидери и експерти кои ќе обезбедат практични и мултидисциплинарни можности за учење.
Catalyst е проектиран од Мајкл Грин Архитекти (Michael Green Architecture), проектантско биро кое има долгогодишно искуство во проектирање на градби од дрво. Амбицијата на проектниот тим беше да проектира и изгради објект од дрво кој би ги надминал перформансите на конвенционалните конструктивни материјали, како челик и бетон, притоа прикажувајќи ги придобивките од CLT во однос на естетиката, ефикасноста на зградата и влијанието врз животната средина. Оваа цел беше реализирана преку одржлив дизајн, паметни системи за управување со згради и употреба на преку 4.000 кубни метри производи од CLT и ламелирани носачи, кои имаат складирано 3.713 метрички тони јаглерод диоксид. Панелите CLT користени како конструктивен материјал се набавени од локални шуми, со одржлива сеча, со помош на здрави еколошки практики и произведени на 15 милји од локацијата.
Проценката на животниот циклус (LCA) на зградата, чиј автор е Форумот за лидерство на јаглеродот на Универзитетот во Вашингтон, заклучи дека складирањето на јаглеродот за време на животот на дрвото речиси го неутрализира влијанието на испуштање на стакленички гасови при производство на материјали и при градба. Со внимателен избор на градежни материјали кои содржат помала количина на вграден јаглерод, разговорот околу одржливоста во изградената средина може да се прошири од само користење енергија до вкупни емисии на јаглерод во текот на животниот циклус на зградата. Меѓународниот институт за животна иднина од Сиетл, за деловниот објект издаде сертификати за нулта енергија и нула јаглерод (zero energy, zero carbon), што го прави еден од најголемите во Северна Америка што ги исполнува двата стандарди.
Стратегиите на пасивна градба вклучуваат зафаќање дождовница со намалување на употребата на вода, дизајн на фасади и примена на издржлив материјал за да се постигне очекуван животен век на дизајнот од 75 години. Резултатите од тестот за термални мостови на зградата биле извонредни. Во некои области од испитувањата, објектот Catalyst имаше три пати подобри резултати од стандардот за пасивна куќа.
Catalyst ги симболизира заложбите и на Спокејн и на државата Вашингтон за одржливост и служи како центар за раст во регионот.