Целта на високите царини за увоз на кинески електрични возила што ги воведе Европската унија е да ги заштитат своите производители од пазарната конкуренција што сигурно би ја изгубиле од висококвалитетните и значително поевтините кинески конкуренти, како и да им се даде време самите да развијат конкурентна технологија и производствени процеси. Сепак, европските производители, наместо да се потпрат на сопствените сили, итаат во прегратка на кинеските компании.
Европската унија во октомври минатата година воведе високи тарифи за електричните автомобили од кинеско производство за да ја заштити својата индустрија, но германските, француските, италијанските и другите производители, кои треба да го искористат штитот што го пружаат за да развијат свои електрични возила способни да се натпреваруваат на пазарот по цена и квалитет со кинеските, сега брзаат во прегратка на кинеските производители.
За брз развој на нови, ефикасни електрични возила, нема подобри подизведувачи од кинеските, а брзото производство на нови еколошки автомобили е императив поради регулативите на ЕУ и тековната технолошка транзиција, а особено поради падот на профитот што ги погоди сите големи европски производители: “Фолксваген”, “Мерцедес Бенц”, “БМВ”, “Рено” и “Стелантис”.
Пад на профитот и „сечење“ на трошоците
Најсериозна е состојбата, пишуваат азиските медиуми, во „Стелантис“ и „Рено“, каде профитот паднал за цели 70, односно, 66 отсто, додека е тешко и во „Мерцедес бенц“ каде падот е 31 отсто и „Фолксваген“ кој лани остварил 28 отсто помал профит во однос на предходната година.
Оттука, на овие компании, меѓу другото, им се потребни подобрувања како „сечење“ на трошоците за производство на електрични автомобили и скратување на времето потребно за развој на нови модели.
Така, на пример, Томас Шефер, извршен директор на „Фолксваген“, најави дека неговата компанија планира да го намали времето потребно за лансирање на нов модел на пазарот од просечни 54 на 36 месеци во соработка со кинескиот производител „Хпенг“, преку заедничко конструирање делови и развој на софтвер за автомобили.
Во јануари годинава „Рено“ отвори нов центар за истражување и развој на електрични возила во Шангај, каде со кинески партнер, чие име не го соопшти, има намера да развие нова варијанта на електричниот модел „твинго“ – прифатлив автомобил со цена пониска од 20.000 евра.
Соработка со кинески инженери
Генералниот директор на француската компанија Лука де Мео во интервју за кинеската државна новинска агенција Синхуа изјави дека соработката со кинеските инженери и овозможила на неговата компанија драстично да го скрати времето потребно за конструирање нови модели, од 48 до 60 месеци на помалку од две години, и дека споменатиот модел ќе им биде понуден на клиентите веќе во 2026 година.
Во декември минатата година „Стелантис“ одлучи да инвестира 4,1 милијарди евра во гигафабрика за производство на батерии за електрични возила во Шпанија по технологија на кинескиот гигант „CATL“.
Во 2023 година, инвестирале 1,5 милијарди евра во младиот кинески производител на автомобили „Лимпмотор“, со седиште во градот Хангџоу, за развој на нови електрични модели кои би се продавале во Европа и Југоисточна Азија.
Откако минатата година ја зголеми инвестицијата и формираше заедничка компанија со „Липмотор“, во која има сопственички удел 51 отсто, „Стелантис“ сега е во можност во своите фабрики (најпрво во Полска).да произведува електрични возила кои ги проектира и конструира кинескиот партнер.
Ова им одговара на Кинезите, бидејќи им овозможува да ги заобиколат давачките што ЕУ ги воведе против фабриките во Кина.
Така, високите царини (до 45 отсто) на кинеските електрични возила што ги воведе ЕУ, несомнено ќе ја намалат нивната привлечност кај купувачите на Стариот континент и со тоа ќе ја попречат нивната продажба.
Извесно е дека кинеските производители на електрични автомобили, како и компаниите специјализирани за производство на електрични батерии за возилата, ќе најдат начини да заработат во ЕУ, благодарение на нивниот човечки потенцијал и сеопфатното знаење и искуство.