Насловна / Градежништво / Заштита на дрвото

Заштита на дрвото

zastita-na-drvoto-1.jpgДрвото е извонреден материјал кој убаво изгледа, цврст, издржлив и
еколошки прифатлив за околината. Во ова време кога сè повеќе се зборува
за зелена градба, дрвото е најдобриот избор за градење. Ја прочистува
атмосферата додека расте и ја храни земјата на крајот од неговиот
животен циклус. Дрвото е единствениот вистински обновлив материјал за
градење.

 

Но, и покрај овие квалитети, многу архитекти и градежници, не разбирајќи го дрвото во целост, трошоците за одржување на објектите ги ставаат на прво место и често избираат други материјали за градење. Критичните одлуки кои се донесуваат на почетокот од проектот ги зацртуваат трошоците за изведба и одржување. Кога дрвото се употребува правилно во фазата на проектирање, и исто така се внимава на дрвниот вид којшто се избира, потребата за често одржување нема да постои, и тоа како градежен материјал може да биде конкурентен со сите други останати материјали на пазарот.

 

zastita-na-drvoto-1.jpg

 

ВНИМАНИЕ ЗА ЕДНОСТАВНО ОДРЖУВАЊЕ

 

Во проектирањето на дрвните конструкции, подготовките и вниманието на деталите, како и изборот на премачкувач кој ќе го заштити дрвото од надворешните влијанија, се клучни за успешен и траен дизајн. Прво, треба да бидеме сигурни дека дрвото е со соодветен процент на влага за предвидената намена. Ова само по себе во голем дел го заштитува дрвото од напад на микроорганизми и од распаѓање. Доколку претпоставуваме дека дрвото во многу наврати би се наводенувало на позицијата каде ќе биде поставено, предвид треба да ги имаме и дрвните материјали кои се длабоко импрегнирани со заштитни средства или дрво третирано под притисок

Но, и овие методи на заштита на дрвото не секогаш имаат ист ефект кај различни дрвни видови. Второ, мора да се размислува во насока на заштита на куќата. Затоа се предвидуваат долги настрешници кои не дозволуваат дрвото да биде секогаш изложено на временските влијанија. Или доколку има фасадни површини кои се многу изложени на атмосферски влијанија, тогаш дрвото можеме да го поставиме на фасадата што е во заветрина.

Дрвото може да биде стабилно и во позиција на голема изложеност на атмосферски влијанија, но во тој случај треба многу внимателно да се избере дрвниот вид, заштитата и димензиите на дрвните елементи за да се гарантира заштитена и стабилна површина која ќе може да се користи со генерации.

 

За пример може да се посочи соодносот што се препорачува за фасадни елементи, а тоа е ширината на елементот да биде најмногу 6 пати поголема од дебелината. Исто така и пресекот на дрвото и насоката на дрвните влакна има големо влијание во издржливоста на дрвните елементи. Со внимателно разгледување на сите овие детали драстично се намалуваат промените во димензии на дрвото и се намалува опасноста од оштетувања, пукнатини и слично.

 

zastita-na-drvoto-2.jpg

 

ДРВНИ ВИДОВИ

 

Естетските вредности на дрвото многу често играат голема улога во селекцијата на дрвниот вид. Но, тоа не треба да биде така, дрвниот вид треба да се избира според неговите технички карактеристики. Како на пример срцевината на големата туја, природно е многу отпорна на влага и распаѓање, комбинирана со добра ориентација на дрвните влакна може да опстои со декади како надворешна подна површина. Смрчата, од друга страна, е многу погоден дрвен вид за употреба во конструкциите, но поради слабата отпорност на влага поретко се употребува за екстериер без заштита.

Дрвото што се користи за прозорци и врати мора да има низок процент на влага, но бидејќи се користат во надворешни услови, овие производи мораат да бидат високо заштитени со заштитни премачкувачи кои нема да дозволат промена на диминзиите на дрвото и притоа нивната функционалност ќе биде задржана. За таа цел, често се користат средства за импрегнирање на дрвото врз кои потоа следува декоративна завршница за убав изглед. Но, овде мора да се напомене дека големо внимание треба да се посвети на компатибилноста на заштитните производи кои се користат за премачкување на дрвото. На пример, најпосакувани завршни премачкувачи се оние што формираат филм на површината на дрвото, кој формира заштитна обвивка.

Доколку се случи филмот да се оштети или да испука, импрегнираниот слој може за кратко да го заштитува дрвото додека не се изврши обнова на филмот.

 

НАДВОРЕШНИ ХОРИЗОНТАЛНИ ПОВРШИНИ

 

Хоризонталните површини претставуваат сосема различен проблем за разлика од вертикалните како што се фасадите, прозорците, вратите и друго. Тие треба да се спротивстават на постојаното влијание на надворешните атмосферски влијанија и константниот притисок од минувачите. Премачкувачите што прават заштитен филм, не можат да се искористат на овие површини, бидејќи за многу кратко време оштетувањата ќе бидат толку големи што ќе треба да се реконструираат. Најдобро решение за заштита на овие површини се премачкувачи кои го заштитуваат дрвото со импрегнација, односно длабоко навлегување на заштитниот слој во порите на дрвото. Во зависност од квалитетот на премачкувачот, одржувањето треба да се спроведува од две до пет години. При изборот на премачкувач треба се внимава и на бојата, односно пигментот, заради тоа што количеството на пигментот има исто така значајна улога во неговите заштитни својства. Што повеќе пигмент, тоа подолго трае заштитата.

 zastita-na-drvoto-3.jpg

 

Пигменти од добар квалитет, особено железните оксиди, претставуваат одлична заштита од ултравиолетово зрачење. Но сепак, многу архитекти високите естетски вредности на дрвото сакаат да ги покажат, а не да ги покријат со голем слој на пигменти. За таа цел се користат транспарентни премачкувачи каде со новите технологии за нивно производство се употребува многу поситна гранулација на железните оксиди, а со тоа се добива подобра УВ заштита.

 

Александар Черепналкоски
дипл. инж. по дрвна индустрија

Испрати коментар

Scroll To Top