Насловна / Форум / Замислете си Скопје на иднината

Замислете си Скопје на иднината

Снежана Домазетовска, студент на Архитектонскиот факултет

 

Во понуденово Скопје 2014 нема натпревар на идеи, има сервирана идеја, дури и идеја која не ги решава проблемите, само ги обложува во декорации.
Замислете град кој почнува да дише, кој расне логично сам од себе во здрав организам, кој се осолободува од токсините… 

Кој се пронаоѓа себеси како здружен труд на мултидисциплинарни интернационални тимови и пред с¢ на сопствените граѓани. Кој се планира постепено и транспарентно, без фрустрации од минатото и со идеја што сака да биде.


Замислете град во кој возилата се движат по сопствените ленти и пешаците по своите. Нема проблеми за паркирање. Замислете мостови кои ќе врзуваат кејови, а нема да служат за вработените во администрација да отидат можеби на кафе во ГТЦ. Замислете дека се движите достојно низ својот град и пешки и на велосипед… Замислете го Скопје во кое нашироко се отвораат вратите за одржливиот урбанизам и енвироменталната архитектура. Замислете објекти кои се градат во современи материјали, не се лијат 100-процентно по автоматизам во бетон… Замислете град кој не се гради за сликање на туристите, туку од граѓаните, за потребите на граѓаните и толку хуман што станува привлечен и за странците…


Замислете кеј кој функционира како кеј и културен центар кој се дооформува со културни објекти. Многу логично, нели? Замислете локација надвор од Малиот ринг послободна и подостојна за пристап и презентација за државните административни објекти. Замислете централен плоштад кој се дооформува од западната страна со урбани јавни авангардни објекти кои ги обединуваат граѓаните и стануваат нови симболи на новото Скопје. Не стари. Замислете обновување на запуштените фасади на објектите од модерната и нивна достојна презентација. Замислете го МОБ дореновиран и блеснат во полниот свој сјај, надополнет со новите објекти на Филхармонијата и кино-салата како се отвораат кон кејот во школка и го довршуваат еден од најубавите некогаш направени концепти за центарот на Скопје. Платото веќе станало плоштад кој се отвора кон реката и е собиралиште и жариште на многу настани на отворено. Од центарот меѓу сите тие објекти се издвојува јавен пешачки мост. Значи, како секој нормален мост води од брег до брег, не од брег до објект.


Замислете ја чаршијата ревитализирана, обновен амфитеатрот во Скупи, место да се гради нов… Замислете го просторот околу аквадуктот среден и заживеан. Замислете вистинска почит кон вистинското културно наследство од претходните векови до антиката и создавање на ново кое ќе сведочи за нас, какви сме денес пред идните генерации. Замислете серија жаришта на настани. Скопје пулсира од живот!


Стариот театар и Музејот на ВМРО како капитални објекти во кои се потрошени веќе премногу пари, материјал и енергија нека се доградат и уредат ентериерно и соодветно. Нека се негуваат како симболи на едно време на национален романтизам во современата македонска историја. Но тука нека запре тоа. Доволни се тие два. Останатиот простор нека биде за Скопје на иднината.

Испрати коментар

Scroll To Top