Познат како сонувач кој создаде утопија, бразилскиот архитект Оскар
Нимаер ќе остане запаметен во историјата како клучна фигура во развојот
на модерната архитектура. Само неколку дена пред да наполни 105 години,
го напушти овој свет, во чија изградба и самиот учествуваше,
спротивставувајќи се на рационализмот во архитектурата создадена од
линијар и квадрат. – Не ме привлекуваат прави агли или прави линии,
тешки и нефлексибилни, создадени од човекот.
Ме привекуваат слободно-движечки, сензуални линии. Линии кои можам да ги најдам во планините на мојата земја, во кривулестите реки, во брановите на океанот и на телото на саканата жена. Линиите го прават целиот универзум, оној искривен универзум на Ајнштајн – велеше Нимаер на почеток на својата кариера, па се до самиот крај. И не е чудно што го одбрал патот на заоблените облици, слободните и отворени форми. Тој е човек кој доаѓа од Југот, од топлиот разигран простор кој отсекогаш раѓал уметници ослободени од конвенциите, од законите што го прават овој свет "коцкаст".
Нимаер е еден од пионерите во истражувањето на можностите за искористување на армираниот бетон и тоа на естетски план. Неговите градби се пространи и соголени, мешавина на волумени во слободниот простор кои резултираат со оригинални декорации. Критичарите го нарекуваа "скулптор на споменици", тој е возвишен до тој степен што се смета за еден од најголемите архитекти на неговата генерација.
Но има и такви кои ја оспоруваа неговата работа иронично нарекувајќи го "официјален архитект", бидејќи имал голем престиж меѓу политичарите. Како човек со извонреден и обемен работен век, Нимаер работел во Бразил, Латинска Америка и низ цел свет. Познат е по тоа што учествувал во подигнувањето на Бразилија, главниот град на Бразил, зградата на седиштето на ООН во Њујорк и многу други остварувања. – Создавав со храброст и идеализам, но исто така и со свесност за фактот дека она што е важно во животот се пријателите и обидот да се направи овој неправеден свет подобро место за живеење – забележа тој во своите мемемори. Во 1988 година ја освои Прицкеровата награда, а во 1996 година доби Златен лав на Венециското биенале за архитектура. Во 2007 година, режисерот Фабиано Масиел направи документарен филм за Оскар Нимаер, насловувајќи го "Живот во еден здив".
Рани години и членство во Комунистичката партија
Роден во Рио де Жанеиро во 1907 година, Оскар Нимаер ја поминал својата младост како секој млад човек од тоа време – боемски и релативно незагрижен за својата иднина. Средно образование завршил на 21 година и истата година се оженил со Анита Балдо, ќерка на италијански доселеници од Падова. Веднаш почнал да работи во типографската куќа на неговиот татко и се запишал на Училиштето за убави уметности на кое дипломирал како архитект инженер. Бил незадоволен од градбите коишто секојдневно ги гледал по улиците и чувствувал дека може да направи објекти кои ќе го разубават просторот. Во 1945 година се вклучил во Комунистичката партија на Бразил, а во 1992 станал нејзин претседател. Нимаер бил момче во времето на Руската револуција, а за време на Втората светска војна бил млад иеалист.
За време на воената диктатура во Бразил неговата канцеларија била нападната, а тој избегал во Европа. Во Москва се сретнал со повеќе социјалистички лидери и станал личен пријател со некои од нив. Во едно свое излагање Фидел Кастро ќе рече: "Јас и Нимаер сме последните комунисти на светот".
Првите дела
Во 1936 година, Лучио Коста бил избран за архитект одговорен за изградбата на новото седиште на министерството за образование и јавната безбедност во Рио де Жанеиро. Неколку години подоцна таа одговорност ја преземал Нимаер, а Ле Корбизје бил стручен советник. Зградата на министерството била првиот современ облакодер и најголемата градба во чијашто изградба учествувал Ле Корбизје. Градбата ги содржела сите елементи за она што било сметано за бразилско модернистичко движење. Неколку години подоцна, Оскар Нимаер и Лучио Коста го конструирале бразилскиот павилјон на Светскиот саем во Њујорк. Импресиониран од изградбата на павилјонот, тогашниот градоначалник на Њујорк го одликувал Нимаер со клучевите на градот Њујорк.
Проектот "Пампуља" против монотоноста во архитектурата
Во 1940 година Нимаер почнал да работи на изградбата на новото предградие на Бело Хоризонте, главниот град на сојузната држава Минаш Жераис. Тој проектирал неколку градби во северниот дел од градот, кој бил наречен Пампуља. Потоа, целиот комплекс на нови објекти го добил името "Пампуља". Првиот современ бразилски споменик била Нимаеровата црква во Пампуља, именувана по светецот Сао Франциско де Ашис. Комплексот Пампуља вклучувал и казино, сала за танцување, ресторан, клуб за јахти, клуб за играње голф, хотел и викендичка за градоначалникот. Изградбата на објектите била завршена во рок од три години, но била контроверзна.
Конзервативното крило во Минаш Жераис, кое било доминантно, било против осветувањето на црквата бидејќи била сосема поинаква од црквите од минатото. Нимаер објаснувал дека проектот "Пампуља" се спротивставил на монотоноста на современата архитектура, на бранот на погрешниот функционализам, на правилата поврзани со формата и функцијата. И покрај сите контроверзии, црквата Сао Франциско де Ашис се смета за ремек-дело во рамки на комплексот.
Светска слава
Светската слава на Нимаер била потврдена со неговото заминување во САД. Тој бил дел од меѓународниот тим којшто работел на изградбата на објектот на седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Нимаеровата т.н. "шема 32" била одобрена од страна на извршниот одбор, но веројатно, под притисок од Ле Корбизје, двајцата го прифатиле проектот 23/32, развиен од страна на Бондијаски и Вајсман, којшто содржел комбинација на елементите од шемите на Нимаер и Ле Корбизје, но главно се темелел на шемата на Нимаер. Поради настојувањето на Ле Корбизје да остане вклучен во работата на проектот, концептот за изградба на објектот на седиштето на Обединетите нации (шема 23/32), бил одобрен од извршниот одбор и поминал пред директорите за планирање. Потоа, Нимаер добил покана да предава на универзитетот "Јеил", но за жал неговата виза била истечена.
Во 1950 година, во САД излегла од печат првата книга посветна на работата на Оскар Нимаер. Неколку години подоцна Нимаер бил избран за директор на одделот за дизајн при универзитетот "Харвард".
Изградбата на Бразилија
Во средината на педесеттите години, Нимаер го конструирал Музејот на современа уметност во Каракас. Како што рекол, овој проект му дал нова насока во неговата работа, објаснувајќи ја со изградбата на административните згради во Бразилија. Едно септемвриско утро тогашниот претседател на Бразил се сретнал со Нимаер и побарал од него да изгради нов главен град на земјата. Така и било. Нимаер организирал натпревар за избор на местоположбата на Бразилија, новиот главен град, а на натпреварот победил неговиот пријател Лучио Коста. Нимаер ги конструирал градбите, Лучио го изработил планот за издигнување на градот. Во период од неколку месеци, Нимаер конструирал голем број административни, комерцијални и станбени објекти. Меѓу нив била и палатата на претседателот (Palácio da Alvorada), зградата на Националниот конгрес, катедралата Бразилија, зградите за министерства и други објекти. Катедралата Бразилија, велат критичарите, е особено убава со нејзиниот модерен симболизам.
Зад конструкцијата на Бразилија лежи и идејата да се изгради нов град во централните неплодни подрачја на земјата. Целта била да се овозможи развој на националната индустрија, да се приближат оддалечените делови на земјата, да се обезбедат незаштитените региони и да се овозможи развој на регионите во кои главно се наоѓаат сточните имоти. Многу историчари ја споредуваат изградбата на Бразилија со американската колонизација на западниот брег.
Проектот имал и социјалистичка идеологија: во Бразилија сите станови биле во сопственост на владата, која ги издавала на вработените.
Бразилија немала "благороднички" квартови, што значи дека врвните министри и обичните работници живееле во исти услови и исти згради. Секако, многу од овие концепти биле променети од страна на идните претседатели.
Градот бил конструиран и подигнат само за 4 години. Во 1963 година, Нимаер станал почесен член на американскиот институт на архитекти во САД, а истата година бил одликуван со Лениновата награда за мир. Оскар Нимаер и неговиот придонес во подгигнувањето на Бразилија се опишани во францускиот филм "Човекот од Рио" од 1964 година.
Живот во прогонство, Париз и прекуокеанските проекти
Левичарската позиција Нимаер го чинела многу за време на воената диктатура. Неговата канцеларија била запуштена, седиштата на магацинот со кој раководел биле уништени, неговите проекти мистериозно започувале, а клиентите набргу исчезнувале. Во 1965 година, стотици професори, меѓу кои и Нимаер, побарале помилување од универзитетот во Бразилија, како протест против владината постапка за универзитетите. Набргу потоа, по отежнатото одвивање на неговата работа во Бразил, тој се преселил во Париз. Таму, тој започнал нова етапа од својот живот и својата работа. По една година тој отпатувал во Триполи да го конструра Меѓународниот центар за постојани изложби.
Отворил канцеларија на Елисејските полиња и имал купувачи од различни земји, а особено од Алжир.
Во Париз го конструирал седиштето на француската комунистичка партија и Палатата на борбата. Додека живеел во Париз, Нимаер започнал да конструира и мебел, кој го прозиведувала компанијата Mobilier International. Познато е неговото "лесно столче" и "отоманската композиција" од свиткан челик и кожа, кои биле произведени во огранчен број. Освен ова столче, биле произведени и многу други нацрти, како двоколката "Рио". Покрај убавата архитектура, неговите нацрти на мебел биле доста популарни, посебно оние во облик на женско тело и со облик на ридовите на Рио де Жанеиро.
Враќање во родното Рио – последната животна фаза
Воената диктатура завршила по 21 година, во 1985 година. Работите се измениле а бразилското општество повторно добило облици на демократија.
Тогаш Нимаер решил да се врати во својата земја. Овој период самиот го дефинирал како последна фаза од неговиот живот. Во истата декада, тој го конструирал меморијалот Жуселино Кубичек, Пантеон и меморијалот Латинска Америка. Од 1992 до 1996 година, Нимаер бил претседател на Бразилската комунистичка партија. Во време по распадот на Советскиот Сојуз, кога се чинело дека е дојден крајот на идеологијата,
Нимаер ја прифатил функцијата да раководи со партијата. Во тој период Нимаер го направил она што многумина го сметаат за негово најголемо дело: Музејот на современа уметност во Нитерој, град во близина на Рио де Жанеиро. Објектот е изграден од камен и овозможува убав поглед на заливот Гванабара и на градот. Критичарите велат дека музејот е чиста егзотика. Во 2002 година бил отворен музејот "Оскар Нимаер" во Куритиба, Парана. Оваа градба е позната како "Нимаерово око".
На 15 декември 2006 година, на својот 99-ти роденден, Бразилија добила две нови Нимаерови градби: Националниот музеј и Националната библиотека. Оттогаш па се до неговата смрт, Нимаер работел главно на изработка на скулптури и преработка на стари дела, кои имаат карактер на значајно историско наследство. На неговиот 100-ти роденден, претседателот на Русија, Владимир Путин, го одликувал со Орденот за пријателство. Пред неколку години започна спроведувањето на еден од најголемите Нимаерови проекти во Европа – меѓународниот културен центар "Оскар Нимаер". Овие градби самиот тој ги опишал како "голем плоштад за сите мажи и жени во светот, голема ложа во театарот меѓу реката и стариот град".
Кате АНТЕВСКА, историчарка на уметност