Во зимскиот период, дури и кога ќе падне снег во градината, може да се
создаде идилична композиција на снегот со растенијата. За доловување на
еден таков пејзаж постојат најразлични растителни видови, кои со своите
темнозелени или пурпурни листови и силно црвени, жолти и виолетови
плодови, создаваат силен контраст на бесконечната белина која ја создава
снегот.
Овие моменти најдобро се доловуваат кога снегот не ги има во целост препокриено растенијата или во период кога тој почнува да се топи.
Mahonia spp. – Махонија
Махонијата претставува зимзелена грмушка, која е доста распространета кај нас. Листовите во зависност од сезоната ја менуваат бојата. На почетокот од годината се појавуваат мали ароматни цветови, собрани во густи гроздови, а подоцна од нив се формираат сино-виолетови бобици. Mahonia aquifolium е нискорастежна грмушка која најчесто се користи како прекривка за почвата. Преку зимата листовите стануваат пурпурно црвенкасти. Цвета во март – април, а цветовите се собрани во густи гроздести соцветија. Mahonia japonica е повисока и достигнува до 2 метри во височина. Успева на секаков вид градинарска почва, дури и на варовничка. Најдобро успева на засенети месторастења. Кастрењето не е неопходно, но ако има потреба добро го поднесува. За одржување на одреден форма на грмушката најдобро е да се крои пред април. Mahonia aquifolium наједноставно се размножува со делење на вкоренети изданци, додека останатите видови од овој род со зелени разници.
Ilex spp. – Илекс
Иако има голем број на вариетети кои имаат прошарени листови (пр.Iilex aquifolium "argentea marginata" , Ilex aquifolium "silver queen", Ilex aquifolium "golden milkboy" и други), повеќето видови од овој род имаат темнозелени ливчиња, и светлоцрвни бобици по што се препознатливи. Овие грмушести растенија се спорорастежни. Најдобро се развиваат на засенети месторастења. Скоро сите илекси се дводомни, така што за да може да добиете плодови ќе мора да се насадат по неколку заедно. Во зависност од тоа каков ефект сакате да постигнете во градината, ќе зависи и изборот на видот. Доколку сакате една садница најдобро е да го изберете видот Ilex aquifolium "altaclarensis" или Ilex aquifolium "pyramidalis".
Доколку сакате да групирате повеќе садници, најдобар ефект би се постигнал со употреба на вариететите со несоодветно име Ilex aquifolium "golden queen", кој всушност е машка или Ilex aquifolium "golden king", кој претставува женска единка. Исто така, тука може вреди да се споменат и вариететите како Ilex aquifolium argentea marginata кои имаат зелени листови со сребренкасти маргини, Ilex aquifolium "madam briot", кој претставува голема грмушка со остри бодливи трнови, buy Ilex aquifolium "bacciflava" кој има жолти бобинки и Ilex crenata "mariesii" кој има црни бобинки. Добро го поднесува кроењето, дури и ако е подрастично. Се размножува со зелени резници, а вкоренувањето му оди многу споро.
Taxus spp.
Тисите се едни од најиздржливите иглолисни видови. Опстанува на екстремни температури и до -25ºС. Тисата е спорорастежен вид со тенка црвенкасто – кафеавкаста боја на кората и зелени иглички. Преку есента создава голем број на црвенкасти плодови. Без проблем го поднесува кроењето, поради што многу често се среќаваат спектакуларни топијарени креации од овој вид, Taxus baccata.
Иако поднесува многу ниски температури и дава многу убав впечаток во снежниот недоглед, сепак со неа треба да се биде многу внимателен бидејќи поголем снег може сериозно да и нанесе физички оштетувања. Тие оштетувања се поболни кај топијарените форми по што може во целост да се деформира растението, а со тоа да се изгуби вашиот целокупен труд потрошен за создавање на едно "ремек-дело".
Филип Филипоски, дипл.шум.инж.