ЖИВИ ЅИДОВИ ПРОТИВ
ЕКО-ДЕСТРУКЦИЈА
НА ГРАДОВИТЕ
Озеленувањето на
ѕидовите и покривите на
објектите на Запад стана
хит во последниве две
години, а компаниите
што се занимаваат со
оваа дејност доживуваат
вистински бум на пазарот.
Денес амбициозните
потенцијални градинари
се повеќе ги интересира
дизајнот на зелените
вертикални градини.
За разлика од поголемиот дел
ботаничари кои сонуваат да
направат прашума во срцето на
Менхетн, Michael Riley повеќе од 15
години мечтаел да создаде вертикална
градина која ќе биде поинаква од
сите што дотогаш биле познати. Овој
поранешен трговец со роба, стана
самоук експерт за билки и помошник
на директорот на Хортикултурното
друштво на Њујорк. Тој со многу
истражувања, пред седум години,
открил начин како може да одгледа
ѕид од билки во внатрешноста на
својот стан на Менхетн. „Сфатив дека
билките што растат во прашумите не
мора да се одгледуваат во саксии. Вака
билките се одгледуваат на начин кој е
природен за нив“, изјави тогаш Riley.
Денес, неговиот проект не делува
чудно. Одгледувањето на вертикални
градини во домот, кое како
експеримент го започна францускиот
ботаничар Patrick Blanc во 1988 год.
со намера да создаде градина
која ќе расте без земја, станува
се попопуларно. Потенцијалните
градинари ги набљудуваат ѕидовите
во својот стан и пронаоѓаат
простор за зелена креација.
Многу компании продаваат состави
на семиња за садење на вертикални
градини. Последниве години
на пазарот се нудат и услуги за
комплетно уредување на фасадите и
покривите на зградите, како зелени
ѕидови во ентериерите, а компаниите
што се занимаваат со оваа дејност
доживуваат вистински бум. На
пример, ELT, компанија од Онтарио
која е специјализирана за зелени
покриви, почна да продава живи ѕидни
состави пред три години, а денес е
еден од најголемите набавувачи во
САД. Greg Garner, кој е претседател на компанијата, вели дека продажбата
на семиња и расад за зелени ѕидови
се зголемила за 300% од 2008 год.
„Ние живите ѕидови ги
претворивме во нешто што секој
може да го направи“ вели тој.
„Ѕидовите и конструкциите за
нив, што до пред некоја година
воопшто не се продаваа, сега
чинат 80% од нашиот промет и тоа
во сите земји од Блискиот Исток
до Северна Америка и Европа.
Модуларните состави – основни
пластични садови наполнети со
земја и прицврстени на ѕид, во
чиј состав влегуваат прскалки за
полевање кои се прицврстуваат
над билките, многу се разликуваат
од живите ѕидови на Patrick Blanc,
кои можат да се видат во трговски и
јавни згради ширум светот, како што
се хотелот Athenaeum во Лондон
и Musee du Quai Branly во Париз.
Облагородување на објектите
Дизајнот на вертикалните градини
кои ги прекриваат ѕидовите на
објектите, е дело на архитектите,
а не на експертите што се
занимаваат со хортикултура како
што обично се мисли. Тие најпрвин
ја проценуваат архитектонската
вредност на градбата и одлучуваат
кои нејзини елементи ќе ги
истакнат, а кои ќе ги скријат
со декоративни растенија.
Складно обликуваната градба може
да се дополни со растенија кои
создаваат силен визуелен впечаток.
Билките со својата впечатлива боја
и форма на цветовите и листовите, дополнително ќе го облагородат
објектот и ќе ја истакнат неговата
убавина. Со употребата на
ползавци, дури и трошните згради
можат да добијат прекрасен „шаби“
изглед. Вешто распоредените групи
на билки можат да се употребат
за разбивање на едноличноста
на долг празен ѕид, како и за
истакнување или ублажување
на доминантната вертикална
или хоризонтална линија.
Тесните ленти на групирани
билки богати со лисна маса,
доколку се постават со листовите
нагоре, можат визуелно да го
издолжат објектот. Наспроти тоа,
широките групи на билки, кои
допираат само до прозорецот,
ќе направат високиот објект
да изгледа понизок и потесен.
За оваа намена, пејзажните
архитекти кои се занимаваат
со хортикултурно уредување,
препорачуваат да се користат сите
видови бршлен и хортензии.
Од друга страна, освен камуфлажа
или истакнување, билките можат да
му подарат на студениот простор
посебна нота со својот мирис. Ова
посебно важи за минималистичките
ентериери дефинирани со
строги геометриски форми, во
кои ѕидовите со ползавци како
што се Clematis armandii, Lonicera
x americana, Lathyrus odoratus,
создаваат специфичен амбиент,
кој го доживуваме подеднакво и со
осетот за вид и со осетот за мирис.
При изборот на бои треба да се
води сметка за количеството на
светлина во различните делови на
просторот, односно самата фасада.
На осонченото место треба да се
користат силни бои, додека бледите
пастелни бои успешно можат да
ги истакнат темните осојни места и
да дадат совршен изглед, особено
во вечерните часови. Ако ѕидовите
или столбовите на објектот се
обоени со силни бои, растенијата
со нежни и префинети нијанси ќе
бидат адекватно решение, освен
ако не сакате да создадете ефект
на агресивност. Многу ползавци
се премногу впечатливи, па затоа
треба адекватно да се постават
за да не доминираат над другите
билки. Оние што имаат понежни
бои се погодни за префинети
комбинации. Освен боите на
цветот, треба да се обрне внимание
и на листовите. Со адекватна
комбинација на нивните бои можат
да се ублажат контрастите и да
се урамнотежат силните бои на
цветовите. Според експертите за
хортикултура, жолтите листови на
Humulus lupulus Aureus на темна
заднина добиваат речиси сосема
златна боја. Уште повпечатлива е
Actinidia kolomikta чии листови се
ишарани со бели и розови тонови.
враќање кон природата
„Еволуцијата го води човекот
кон уништување. Можеме да се
помириме со тоа и да продолжиме
кон катастрофа која не можеме
да ја избегнеме. Од друга страна,
можеме да се обидеме да
направиме нешто. Системот на
глобалната деструкција изобилува
со грешки и тие мораат да
бидат исправени за да се забави
негативната револуција“…велеше
Hundert-vasser, архитектот познат
по новата архитектонска концепција
и јасната еколошка определба.
Според него, зелената архитектура
би можела да биде еден од
начините на тој неагресивен отпор.
Враќајќи се кон природата на
објектите, можеме да им подариме
ново руво и притоа во исто
време да ја спречиме еколошката
деструкција на градовите.
Вертикалното озеленување е еден
од начините за тоа. Без оглед на тоа
дали сосема ги покриваат своите
потпори или не, ползавците што се
одгледуваат покрај ѕидовите или
градбите, создаваат несекојдневен
визуелен впечаток. Многу од нив тоа
го постигнуваат со своите раскошни
бои, додека некои создаваат
опуштена и префинета заднина на
целокупниот градинарски дизајн.
Поголемиот дел од градбите со
вертикални градини создаваат
топлина и чувство на блискост.
Наталија Новаковиќ-Добревска