Охрид – За десет до 15 дена ќе започне санацијата на свлечиштето, односно реконструкцијата на магистралниот пат Охрид-Битола, најави во Охрид министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
– Бидејќи станува збор за големо свлечиште, потребно беше да се изготви проект, физибилити студија, а проектот да се спроведува врз здрави основи за наредната сезона да не се појави свлечиште на истото место, рече Јанaкиески, потсетувајќи притоа на неопходноста од запазување на законските процедури при изготвувањето проект и изборот на градежната компанија што ќе го изведува зафатот.
Министерот истакна дека добил уверување од Агенцијата за патишта оти најдоцна за 15 дена ќе започне санацијата, односно дека ќе се работи со полна пареа за што поскоро санирање на свлечиштето и нормализирање на сообраќајниот правец Охрид-Битола. (МИА)