Бетон, духовити детали и неонска расвета со оригинална поп арт графика, му даваат на овој угостителски ентериер во Нови Сад посебен шмек.
„Тостер“ е познат новосадски бургер – бар, а ентериерот на локалот го потпишува проектанското биро од истиот град, Project A1 Design Hub.
Во ентериерот преовладува бетонот кој ги прекрива ѕидовите и подовите. Благодарение на модерната технологија, бетонот има фина завршна обработка, но го задржал грубиот изглед, како и отпорноста, што е важно за објект низ кој циркулираат голем број луѓе.
Посебен куриозитет се масите изработени од бетон и метал. Тие се дизајнирани специјално за потребите на овој бургер – бар, како и поголем дел од другиот мебел. Брутализмот се карактеризира со впечаток на едноставност, кој произлегува од совршено избалансиран ентериер, и навистина – ако се игнорираат другите, пред сè, графички елементи додадени со цел да се „зачини“ просторот, тој би останала силна слика на натур бетон.
Покрај видливите цевки за вентилација, греење и хидранти, кои заедно му оддаваат почит на индустрискиот тренд, но исто така одговараат на правилото за брутализмот, дека ништо не се „пакува“ и сокрива, во „Тостер“ може да се видат ретро елементи, интерпретирани на модерен начин, кои враќаат во шеесеттите години. Ретро шармот лежи во облините на сепареата, училишни столици кои предизвикуваат носталгија, плочките на ѕидовите, вентилаторите и неонките.
Забавните илустрации ги прекриваат бетонските подови, sидови и плочите на масите. Тие, како и специјално дизајнираните каширани платна, заедно прават духовита декорација која е во контраст со сериозноста на бетонот. Неколку дрвени детали и зеленило, исто така, стојат како противтежа на брутализмот. На динамиката на просторот придонесуваат и смелите бои – сина и корално црвена.
Особено внимание е посветено на осветлувањето. Впечатливата, декоративна и 3Д декорација на расветата е омилена меѓу гостите, а составена е од метални рамки, дрво и светлечки тела. Таа претставува своевиден водич низ говедското месо по кое се познати „Тостер“ бургерите.
Покрај тоа, во барот се присутни неонски ознаки, кои мајсторски создаваат ретро амбиент.