Бункерот Oppidum изграден во времето на „студената војна“ е најголемиот бункер на светот, вреден неколку милијарди долари. Содржи ниски згради на пространство од 98,5 илјади квадратни метри во Чешка. Изграден е како засолниште за денот на апокалипсата на местото на некогашен воен бункер.
Сега, тоа е најголемото приватно засолниште кое содржи приватен хелиодром, луксузни подземни дневни соби и салони, како и таен пат кој ги поврзува надворешните и внатрешните објекти. Патот овозможува брз пристап во сигурната зона кога ќе стигне опасноста.
Надворешниот изглед не е воопшто импресивен и упадлив, но внатрешноста е навистина изненадувачка. Луксузни простории и детски соби сместени длабоко во земјата, затворени со блиндирани врати.
Во секоја бања се наоѓа џакузи, а апартманите имаат на располагање кино сали, соба за игри, базен, спа, фитнес и бар. Помеѓу подземните згради се наоѓа двор со вештачка трева и опрема која симулира природно светло.
Технологијата за безбедност потсетува на онаа од филмовите, со посебни уреди за отисоци од прстите, препознавање на шареницата на окото и најмодерен видеонадзор. „Бункерот е единствен поради комбинацијата од сигурност, луксуз и комфор. Се работи за најголем ваков објект на планетата“, рекол поранешниот шеф на чешката разузнавачка служба, генералот Андор Шандор.
Изградбата на бункерот била тајна операција која започнала во 1984 год., а вложувањето го извшиле тогашниот СССР и тогашна Чехословачка. Во случај на природна катастрофа, жителите на овој бункер би живееле 10 години со расположливите залихи на храна и постоечката опрема.