Во времето на Студената војна, Советскиот Сојуз темелно се подготвувал за евентуален нуклеарен напад и Трета светска војна. Ширум земјата биле изградени над илјада противатомски бункери. Од еден од нив, московскиот „Бункер 42“, симната е ознаката „државна тајна“ и во 2006 година станал музеј.
Прозорците на зградата под која е сместен бункерот во центарот на Москва, ја немаат истaта функција како на останатите згради. Нивната единствена цел е камуфлажа. На прозорците има завеси, а потоа ѕидови, и тоа не обични. Тоа се ѕидови на бункер кој служел како специјален објект во случај на нуклеарен напад. Под една сосема обична зграда во поширокиот центар на Москва, на длабочина од 65 метри бил сместен команден центар во случај на нуклеарен напад на Советскиот Сојуз. Неговата изградба почнала во 1951 година, а во 1954 делумно бил во функција. Целосно е завршен во 1956 година. Се користел до 1986 година, работел без прекин и во него во една смена биле по 300 луѓе – телефонисти, шифранти и сл. Во зградата не влегувале сите истовремено, туку само по неколку луѓе во одредени временски интервали. Сите мислеле дека тоа е воена библиотека во која се влегува со пропусница. Во бункерот може да се влезе и преку тунелите на блиските метро станици. Комплексот се состои од 4 блока, кои меѓусебно се поврзани. Кремљ е на оддалеченост од 3,5 километри. Комплексот имал првостепено национално значење бидејќи бил предвиден за сместување на раководството на земјата во случај на нуклеарен напад. Граден е така што низ специјалната врата тешка два тони не може да мине радиоактивно зрачење, а залихите на храна и вода биле доволни за еден месец непречено самостојно функционирање.
Денес, при самиот влез во музејот, прво се гледа краткиот филм „Студена приказна“, за напнатата меѓународна ситуација во тоа време. Задолжителна точка од програмата е слушањето на звуците на сирените и предупредувања за нуклеарен напад, а потоа имитација на лансирање на ракета со нуклеарна боева глава. Обиколката се завршува со посета на големата сала која некогаш служела за состаноци а денес е ресторан под името „Бункер 42“.