Архитектонското биро со седиште во Будимпешта Hello Wood проектираше и изгради одморалиште Rock Cabins кај унгарскиот Каполч, во близина на езерото Балатон.
Скриена во шумичката, финалната композиција се обликува како ансамбл од шест полигонални бунгалови, од кои секој нуди мирно и удобно место за две лица.
На прв поглед, овие кабини изгледаат далеку од обичните куќи. Нивната футуристичка силуета налик на камена грамада ја одржува претставата за вековна населба.
Инспирирани од обликот на карпите, бунгаловите беспрекорно се спојуваат со аморфната топографија, создавајќи врска помеѓу вештачкото и природното.
Нивниот монолитен карактер е нагласен со употреба на неправилни рамнини, остри врвови и темно сиви дрвени панели, додека отворите се сведени на минимум за да не ја прекинат конечната хомогена форма.
Во соработка со фирмата Tree Houses, Hello Wood изградиле шест кабини во унгарското место на 10 километри од езерото Балатон, давајќи му на овој регион нов живот и вон летната сезона.
Преку овој проект, архитектите имаат за цел да создадат туристичка атракција во сите годишни времиња, да отворат работни места за локалното население и со тоа да ја поттикнат локалната економија.
За заживување на регионот, архитектите ги земале предвид природните вредности на околните села и го истакнале минималистичкиот и одржлив начин на живот.
Со својата чиста форма слична на блокови, кабините органски ја следат околината, истовремено одразувајќи сложени архитектонски решенија. Дрвената облога природно старее, претопувајќи се во зелената позадина.
„Со текот на годините, ја засакавме областа каде што одржувавме кампови. Меѓутоа, беше јасно дека откако летните фестивали се завршени, Чоромфолде и околните села беа напуштени поголемиот дел од годината. Отсега натаму, ќе можеме да обезбедуваме работа за локалното население не само на градилиштето, туку и преку оперативни задачи во текот на целата година“, изјави за DesignBoom Андраш Хусар, коосновач и извршен директор на Hello Wood.
Органската сива школка е во контраст со златно кафеавата боја на терасата.
Со површина од околу 25 квадратни метри, секој бунгалов содржи дневна соба со кревет, кујнски мебел, вграден ормар и трпезариска маса, бања со двоен туш и панорамска инфрацрвена сауна.
За да се создаде вистинско спа искуство, голема хидромасажна када е вградена во пространа, покриена тераса, одвоена само со стаклен прозорец од сауната со директен пристап до туш кабината.
За дополнително да се обезбеди приватност и безгрижен престој, кабините се расфрлани низ парцелата свртени една од друга.
Секој од нив гледа на околните полиња и ридовите, а посетителите можат да уживаат во панорамскиот поглед од терасата, хидромасажната када, сауната со стаклени ѕидови или дури и од креветот.
Според зборовите на архитектите, во фазата на изградба, главната намера била да се префабрикуваат што повеќе елементи, на тој начин работата на лице место да се сведе на минимум.
Полигоналната форма изискувала иновативни решенија за да се осигура дека неправилните страни прецизно се вклопуваат. И покривот и ѕидовите се направени од ист материјал, создавајќи компактен вкупен ефект.
Благодарение на својата обвивка, структурата може да се загрева и лади со минимална потрошувачка на енергија. Станбениот простор е подигнат од земја; под овој простор има технички системи, додека кровот е конструиран да ги балансира внатрешните температури.