Најголемиот број на булевари низ Скопје ќе добијат велосипедски патеки. Ова вчера го најави градоначалникот Коце Трајановски, на одбележувањето на Деновите на енергетска ефикасност. Според проектот на Град Скопје, предвидено е велосипедистите на имаат своја патека на булеварите „Партизански одреди“, „Илинденска“, „Теодосиј Гологанов“, „Борис Трајковски“, „Трета македонска бригада“, „Србија“, „Јане Сандански“, „Цветан Димов“. На одредени локации ќе има и велосипедски и пешачки патеки, а на други една патека за велосипедисти и пешаци.
„На оние локации каде што тротоарите се узурпираат од возила, ќе поставиме столпчиња, како што е случајот со булеварот Партизански одреди. Досега Градот има изградено велосипедски патеки во должина од 60 километри по главните сообраќајници и околу 20 километри на двете страни од Кејот на реката Вардар. По завршувањето на планираните сообраќајни решенија во 2017 година, граѓаните ќе можат, непречено возејќи велосипед, да стигнат до која сакаат дестинација во градот“, рече градоначалникот Коце Трајановски.
Реализацијата на овој проект ќе стартува напролет, до кога треба да бидат изготвени сите сообраќајни решенија.