Бујар Муча и Предраг Андонов се искусни архитекти, кои дипломирале на Архитектонски факултет во Скопје на почетокот на деведесеттите години на 20 век. Во 1992 година заедно го формираат проектантското биро „Мегарон Инженеринг“, кое веќе 23 години успешно функционира и дејствува. Двајцата се автори и коавтори на над стотина проекти во Македонија и во странство. За нивната работа, искуствата од неа, за македонската архитектура, тие зборуваат за Порта3, во рамките на серијата „Македонски современи градители“.
Кој е Вашиот херој?
Б.М. – Повеќе се, одвреме навреме некој си оди, а некој друг доаѓа. Некој пак цело време останува. Тоа се сите мои колешки и колеги од „Мегарон Инженеринг“ со кои го поминувам најголемиот дел од времето борејќи се со ветерници.
П.А. – Посебноста и специфичноста во архитектонското творештво ја прави индивидуата архитект исто таква, со оглед на тоа мојот херој во моето работење е моето семејство од кое ја црпам целата енергија и инспирација. Додека во анимираниот свет, кој ја пренесува реалноста на посебен начин, херој ми е Којотот што повеќе од половина век ја брка Брзата Птица Итрица и не се откажува. Така и ние архитектите.
Административен објект, КУЌА НА ФУДБАЛОТ, Населба Ново Лисиче, општина Аеродром, Скопје
Ваше мислење за македонската архитектура денес?
Б.М. – Македонската архитектура е рефлексија на македонското социјално и економско живеење. Никако да застане на нозе со цврст став каде се гледа себеси на картата на светот.
П.А. – Развојот на македонската архитектура дава свои особености, траги и придонеси, некогаш универзални, некогаш со контроверзии, во вистинска смисла на зборот македонската архитектура е игра на природното и урбано наследство.
Регионална јавна библиотека, Гњилане
Набројте три, според Вас, најзначајни објекти од македонската архитектура?
Б.М. – Објектот на Влада на РМ во својот оригинален облик. Балансиран спој на функција, технолошка иновација и вешто кокетирање со градителското наследство. Потоа, резиденционалниот објект на Македонски Железници на ул. „Рајко Жинзифов“ во Скопје. Светски успешен пример на градско повеќесемејно живеење.
П.А. – Македонска опера и балет – објект кој тежнее кон безвременост; Градски ѕид – го заштитува, обележува и обединува старото градско јадро; Музеј на Современа уметност.
Партерно уредување на пешачка зона, Косовска Митровица
Што претставува за Вас архитектурата во светот?
Б.М. – Непрестајна игра и имагинација на големи деца со скапи лего-коцки. Фасцинантно.
П.А. – Формата и функцијата се пообединети од кога било, архитектот почнува да се служи со бихевиоризамот како алатка при проектирањето, но сè повеќе се запоставува културата, уметноста и наследството на земјата во која се твори во замена за еден модерен унифициран стил.
Фармахем, Скопје
Каков е односот на младите кон архитектурата?
Б.М. – Мислам дека го чекаат од заседа моментот кога од класичен сервис ќе се претворат во она за коешто сите ние тежнееме. Слободни, одговорни и креативни трансформатори на нашето опкружување.
П.А. – Повеќе подреден на креативното, имагинарното, оддалечен од разбирањето и барањата на нарачателот, што воедно претставува нешто позитивно и единствено, и кое сè уште ја поддржува архитектонската мисла.
Детска градинка “Кочо Рацин”, ул. Козара бб, Општина Центар, Скопје
Што не се гледа на фотографијата, а е интересно за Вашиот објект?
Б.М. – Сè што не се гледа е поинтересно од она видливото. Најинтересен е напорот да се дојде до ова што се гледа.
П.А. – Дискусијата за предлог решенијата, коментарите во процесот на проектирање, досетките и обидот за профилирање на инвеститорот како нарачател.
Стадион Тумбе Кафе во Битола
На кој проект работите во овој момент?
Б.М. – Атлетски стадион во Битола.
П.А. – Во моментот работиме на проектот за спортскиот стадион во Битола за 12.000 гледачи.
Реконструкција и адаптација на НУ Албански театар, Скопје
Ваши архитектонски планови?
Б.М. – Да испроектирам објект кој ќе продолжам да го сакам и откако ќе го завршам.
П.А. – Како и во изминатите 23 години да продолжиме понатаму…