Барот „Buhairest Bar” на оригинален начин го уредил рускиот дизајнерот на ентериери и мебел Роман Пљос, кој се школувал во Москва и специјализирал во Лондон. „Buhairest Bar” се наоѓа во срцето на Будимпешта, во зграда од почетокот на 20. век во која некогаш била сместена фабрика за текстил, а по затворањето на фабриката кон крајот на векот, објектот бил напуштен. Roman Plyus успеал во напуштената фабрика да создаде ентериер исполнет со уникатни уметнички дела, пастелни тонови и ретро ноти, кој ги мами гостите.
Новиот сопственик го замислил местото како нов и модерен простор за собирање на сограѓаните и туристите, па така го повикал реномираниот руски дизајнер, познат по креирање уникатни и екстравагантни ентериери.
Во приземјето на зградата, на површина од 350 квадратни метри, ентериерот на „Buhairest Bar” е прокетиран во ретро стил и збогатен со модерни детала на интернационални уметници. Така меѓу останатото во барот може да се види и делото „Pinocchio”, креирано од екстравагантниот уметник Kaws, како и бројни дела од најпознатите уметници на 20. и 21. век.
Ентериерот е облечен во нежна боја на лосос, како одраз на екстериерот, бидејќи фасадата на зградата во која се наоѓа барот е од тула во нежна црвено-розе боја.
Повеќето од бетонските лакови и плафонот се оставени во нивната постоечка состојба. Подните плочки се постоечките, исчистени и реставрирани. Кожни перничиња во боја на глина се користени за облекување на седиштата на столиците. Во барот се користени и рачно изработени застаклени плочки, украсен малтер од теракота и мермер за ѕидовите. Менијата и се од рециклирана хартија и пластика.
Една од целите на атрактивниот дизајн на ентериерот е да ги поттикне гостите на фотографирање, снимање и споделување на заедничките моменти и впечатоци на социјалните мрежи. „Мошне е важно јавните места да остават позитивни впечатоци на посетителите и да им овозможат добри фотографии како сувенири. Отсекогаш им било важно на луѓето да ја сочуваат својата приказна. И тоа уште од времето на цртежите во пештерите. Денес Инстаграм е како мала пештера во која секој од нас ги прикажува сликите од својот живот“, објаснува Роман Пљос.