Бугенвилија (Bougainvillea sp.) е брзорастечко растение, кое силно се разгранува и може да достигне максимална височина до четири метри.
Се јавува со црвени, розови, виолетови, бели и портокалови соцветија околу малите жолти цветови.
Природниот ареал на ова растение е Јужна Америка. Бугенвилија има потреба од топло, сончево месторастење, заштитено од ветер. Има потреба од обилно полевање во текот на летото.
Во наши услови најдобро успева на јужни месторастења. Доколку ја одгледувате насадена во дворот, неопходно е мулчирање на земјата околу коренот, а доколку ја одгледувате во саксија, задолжително е да презими во затворена просторија.
Во вакви услови најчесто доаѓа до опаѓање на листовите, но веќе следната година на почеток на март почнуваат да се појавуваат нови ливчиња. Во пролет многу е важно да се искројат старите и исушени гранки за да може повторно правилно да се развива.