Бугарија е сериозно заинтересирана за користење на гасот од терминалот за Течен природен гас (ТПГ) што треба да се изгради на островот Крк во Хрватска. Ова е истакнато на неодамнешната официјална средба на министерско ниво, при што бугарскиот министер истакна дека со користење на гас од северот на Јадранот, ќе се оствари поголема енергетска независност и диверзификација на изворите на снабдување и во двете земји. Хрватските официјални претставници ги потенцираа високите еколошки критериуми, односно подвлекоа дека енергетизацијата на Јадранот нема негативно да влијае на животната средина.
Интересен е податокот дека на ниво на земјите членки на ЕУ, токму Бугарија и Хрватска се забележани во историјата како потписници на една од најстарите службени спогодби за економска соработка. Документот датира од 1253 година, а потпишан е помеѓу Дубровничката Република и бугарскиот цар Михаил.