Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев изјави дека Бугарија бара од Словачка поддршка за вклучување во енергетските проекти кои во моментот ги развиваат земјите членки на Вишеградската група. Тој предлага, на Словачка, Унгарија, Чешка и Полска, во овие проекти да им се приклучат и Бугарија, Грција и Романија, со што би се постигнала интеграција на енергетските проекти во Средна и Југоисточна Европа. Во прв ред тоа се однесува на проширување на гасните и електроенергетските проекти кои ги промовираат земјите од Вишеградската група. Овде посебно се истакнува проектот за гас „Eastring“, кој го иницираше Словачка и кој во изворен облик би овозможил подобро снабдување со природен гас на земјите од Средна Европа, во случај повторно да дојде до прекин на транзитот преку Украина. Бугарија би сакала да се поврзе на тој проект преку т.н. Вертикален гасен коридор.