Звукот претставува вибрационо нарушување создадено од движечки или вибрирачки извор кој пренесува бранови на притисок низ течен или гасовит медиум (воздух) до слушниот орган, како човековото уво. Бучава се дефинира како гласен, неочекуван или непријатен звук. Контаминацијата на животната средина со бучава се однесува на нивоа на бучава во човековото опкружување кои се повисоки од граничните вредности – прифатливо ниво.
Бучавата може да има сериозни директни или индиректни последици врз здравјето на луѓето, како што е, на пример, оштетувањето на слухот. Со тек на време, бучавата може да доведе до зголемување на крвниот притисок и до ментални нарушувања.
Европскиот парламент и Советот на Eвропската Унија на 25 јуни 2002 година ја усвоија Директивата 2002/49/EC 1 за проценка и управување со бучавата во животната средина, позната под надзивот “END”. Директивата END има за цел да „дефинира општ пристап со кој, на приоритетна основа, ќе се избегнат, спречат или намалат штетните ефекти на пречки предизвикани од изложеност на бучава во животната средина. Покрај наведеното, директивата има за цел создавање на основа за развивање на мерки на ЕУ за намалување на бучава емитирана од главните извори, особено патните и железничките возила и инфраструктура, авионите, индустриска опрема и подвижни машини.
Загадувањето со бучава генерирана од патниот сообраќај е значаен и растечки проблем на денешницата. Високот степен на транспорт и изградба на урбани патишта, имаат особени влијанија врз животната средина, затоа потребата од мониторинг е од големо значење за да се идентификуваат областите каде се потребни мерки за ублажување на бучавата. Сообраќајот претставува главен извор на бучава и тој учествува со околу 80% од бучавата, како фактор што ја загадува средината.
Причини за појава на високо ниво на сообраќајна бучава се:
– Зголемен број на различни моторни возила како учесници во сообраќајот (тешки и лесни возила);
– Брзината на движење на возилата, бучавата што се создава како последица на силата на триење на пневматиците и подлогата е доминантен извор при брзина поголема од 30 km/h;
– Квалитетот и состојбата на коловозот, и
– Интензитетот на сообраќај.
Мерењата на бучава во животна средина се спроведуваат во согласност со барањата на стандардна метода МКС ISO 1996-2:2010 Акустика – Опис, мерење и проценување на бучавата од околината – Дел 2: Одредување на нивоата на бучава од животна средина (идентичен со ISO 1996-2:2007), а исто така и во согласност со Законот за заштита од бучава („Службен весник на РМ“, бр.79/07, 124/10, 47/11), како и подзаконски акти.
Кога постои веројатност дека нивото на бучава ги надминува максимално дозволените вредности кои се утврдени со законската регулатива (Правилник за гранични вредности на ниво на бучава во животната средина, „Службен Весник на РМ“ бр. 147/08, како и Одлуката за утврдување во кои случаи и под кои услови се смета дека е нарушен мирот на граѓаните од штетна бучава, „Службен Весник на РМ“ бр. 1/09) и влијае негативно врз рецепторите, се применуваат звукозаштитни бариери.
Мерките за заштита од сообраќајна бучава, таканаречените звукозаштитни бариери, произлегуваат од извршени проекции направени со помош на математички пресметки.
Бариери за заштита од звук
Tехничките мерки за заштита на животната средина опфаќаат градежни зафати за заштита од бучава како и мерки за ублажување на ефектот на бариера што го создава коловозот на автопатот.
Бариерите за заштита од бучава служат да го прекинат или блокираат патот помеѓу изворот на бучава и приемникот. Бариерите, исто така, можат да ја рефлектираат бучавата. Со тоа бучавата на спротивната страна може да се зголеми за 6 dB, доколку на двете страни од патот има рефлектирачки површини. Затоа е потребно бариерите да имаат апсорбирачки својства.
Бариерната заштита од бучава мора да е направена од самостоечки елемент, кој едноставно може да биде поставен помеѓу челични столбови. Бариерите се изработуваат од различни материјали, најчесто тоа се алуминиумски или транспарентни акрилни плочи и исто така можат да бидат направени од бетон.
Лабораторијата за испитување на геомеханика, градежни материјали и животна средина „ГЕИНГ КуК“, врши мерења на ниво на бучава според акредитирана метода, МКС ISO 1996-2:2010 Акустика – Опис, мерење и проценување на бучавата од околината – Дел 2: Одредување на нивоата на бучава од животна средина (идентичен со ISO 1996-2:2007).
Подготвиле:
Саша Петрушевска, дипл.инж.тех.
Драгана Илиевска, дипл.хем.инж.
(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)