Под мотото „Верувај во подобро градење“ (Believe in Better Building), телекомуникацискиот гигант BSkyB (British Sky Broadcasting) го започна својот најнов проект, едукативен центар за млади соработници, со што ја потврдува својата заложба за одржлив развој. Центарот се наоѓа во Osterley, Западен Лондон, и се простира на површина од 3.800 м2, а се состои од три ката со дополнително ниво каде се наоѓаат ресторан и отворена тераса.
Едукативниот центар е прв во серијата иницијативи, со моќта на телевизијата, креативноста и спортот, да се помогне на младите луѓе да го достигнат својот потенцијал со стекнување на разни вештини, искуство и инспирација која ќе им биде потребна во светот на деловното работење. Една од главните цели на објектот е да се конструира нискоенергетска структура во краток временски период, а дрвените конструкции беа оптималното решение за одржлив проект.
За овој проект клучен фактор бил високо ниво на технички и технолошки достигнувања, иновации и ригорозно планирање на градежниот дел. За премостување на некои комплицирани детали и кратките временски рокови, употребувана е софистицирана BIM и CNC технологија. Градежниот систем на објектот е проектиран со висок степен на префабрикување на елементите за да се овозможи брзо и непрекинато градење, а воедно и да ги задоволи сите потреби за одржливост и енергетска ефикасност. Покрај масивната дрвена конструкција која го потенцира природниот изглед на објектот, употребувани се и дрвени сендвич панели за постигнување на највисоките стандарди за енергетска ефикасност.
Објектот е позициониран во центарот на Sky кампусот, со што се потенцираат високите еколошки и етички вредности на компанијата. Проектанти се архитектите од архитектонското биро Arup Associates, на кои им беа дадени стриктни вредности за исполнување како на пример, минимум 27% од употребените материјали за изградба да бидат рециклирани, одговорна сеча на дрвната маса преку PEFC (Program for the Endorsement of Forest Certification) програмата, редуцирање на испуштање на стакленички гасови во фабричкото производство на елементите и друго.
Бидејќи објектот треба да се изгради во целосно оперативен кампус, планирањето на целата градба е од клучно значење, со особено внимание на степенот на бучава и безбедност. Конструтивниот систем се состои од скелетна конструкција од лепени носачи и вкрстено слепени плочи кои овозможуваат стабилност на подот и ѕидовите. Фасадата е комплетирана со сендвич инсулирани панели со димензии од 0,7 до 2,5 метри во ширина и од 1,5 до 12,5 метри во должина.
Главните предизвици во однос на градењето на објектот, секако е почитувањето на стриктниот работен план од сите засегнати страни, за да може објектот да се комплетира на време, со што ќе се одржи нормален тек на активностите што веќе се случуваат на кампусот. Овој предизвик е надминат со одлична соработка меѓу сите работни тимови во проектот. Работењето во заеднички простории создаде одлична синергија помеѓу проектантскиот и изведувачкиот тим, заради што е донесена одлука да се задржи истиот принцип на работа и за преостанатите два објекти кои треба да се изградат во кампусот.
Кога станува збор за проектирање на 28-метарски објект, еден од најголемите предизвици е димензионирањето на конструктивните врски со посебен осврт на пресметувањето на толеранцијата. Вклопувањето на конструктивните врски овозможува брза и непрекината градба. Ова е посебно важно заради тоа што во конструктивниот систем се употребувани повеќе различни видови на материјали со различни својства.
Објектот ги надминува сите највисоки стандарди за одржливо проектирање, изградба и функционирање на објектот, заради што се здоби со престижната награда BREEAM Excellent (Building Research Establishment Environmental Assessment Method) рејтинг. Конструктивниот систем од лепени носачи и вкрстени слепени плочи е редок во објекти од ваква големина, со што технологијата на изградба со вакви материјали оди уште еден чекор понапред.
Со апликацијата на дрво во објектот, надворешно и внатрешно, посетителите се запознаваат со културата и вредностите на BSkyB. Дрвото создава пријатна работна средина за вработените, како и за сите клиенти кои секојдневно влегуваат во објектот. Овој центар е првиот објект изграден по новиот стандард за благосостојба (Wellness Certification principles), каде се запазени стандардите за дневна светлина, квалитет на воздухот во внатрешноста, искористување на природни материјали и извонреден дизајн.
Александар Черепналкоски, дипл. инж. по дрвна индустрија