Работите на делницата на брзата пруга меѓу Нови Сад и Суботица, третата делница низ Србија во рамки на меѓународниот градежен проект на железницата Белград-Будимпешта, официјално започнаа во ноември минатата година и се одвиваат на повеќе локации долж траса на идната нова железничка сообраќајница.
Во првата фаза се извршуваа оние работи кои не бараа прекин на железничкиот сообраќај меѓу Нови Сад и Суботица. Целосниот прекин на сообраќајот на споменатата делница започна во април годинава, кога работите започнаа поинтензивно.
Проектот опфаќа траса на двоколска пруга и станици со објектите, реконструкција и модернизација на железничките јазли Нови Сад, Врбас и Суботица, денивелација на вкрстувањето на пругата со колските и пешачко-велосипедските патеки.
Исто така, планирано е поставување на електротехничка инфраструктура која овозможува безбедно одвивање на сообраќајот при проектирани брзини (над 200 km/h) и воведување на европскиот систем за управување со железнички сообраќај.
Пругата Нови Сад – Суботица е долга 108,2 километри и на таа траса ќе бидат изградени вкупно 49 подвозници, надвозници и слични објекти.
Со проектот е предвидена реконструкција на девет железнички станици (Нови Сад, Сајлово, Кисач, Степановиќево, Змајево, Бачка Топола, Жедик, Наумовиќево и Суботица), како и три нови станици со станични капацитети (Руменка, Врбас и Ловќенац).
Во Врбас ќе биде изграден и вијадукт долг 1,6 километри.
Работите на дванаесет и пол километарската делница Нови Сад – Руменка – Кисач досега опфаќале расчистување на теренот, како и работа на широк ископ при изградба на насип, како дел од работите за подготовка на долната траса на идната брза пруга.
На овој потег се вршат геомеханички испитувања, како и геодетска контрола на досега спроведените активности.
Како што можете да видите на видеото, интензивно се работи во близина на стадионот на РФК Нови Сад, каде што се пробиваат шипови.
Изведувач е кинескиот конзорциум China Railway International и China Communications Construction Company, а вредноста на договорот е 1,16 милијарди долари.
Рокот за завршување на работите е 33 месеци од целосниот прекин на сообраќајот на целата траса од Нови Сад до Суботица. Тоа значи дека до крајот на 2024 година се планира завршување на брзата пруга Нови Сад – Суботица.