Интервју со проф. д-р Златко Србиноски, декан на Градежен факултет при УКИМ
Можете ли да ни дадете слика за местото на Градежниот факултет во образовниот систем на нашата земја?
Градежниот факултет е членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и е најзначајна образовна институција во државата, кој образува интелектуален потенцијал од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката. Факултетот ја организира и ја остварува својата дејност како единствен процес на наставната, научната и високостручната применувачка дејност во високото образование. За улогата и значењето на Факултетот во општествениот развиток на земјата, најдобро зборуваат голем број капитални објекти во земјата и надвор од неа проектирани и изградени токму од градежните инженери едуцирани во изминативе 70 години.
Во изминатиот 70-годишен период, голем број студенти го стекнале своето образование на Градежниот факултет – Скопје, при што:
-со звањето дипломиран градежен инженер се здобиле повеќе од 4.000 студенти,
-со звањето дипломиран геодетски инженер се здобиле повеќе од 550 студенти,
-со звањето дипломиран инженер по геотехника се здобиле повеќе од 130 студенти,
-со звањето магистер на технички науки се здобиле повеќе од 370 студенти,
-со звањето доктор на технички науки се здобиле повеќе од 100 студенти.
Тоа е всушност најголемиот капитал на Градежниот факултет – Скопје, со кој ние искрено се гордееме.
Минатата година беа прославени 70 години од постоењето.
Во октомври минатата година Градежниот факултет го прослави големиот јубилеј 70 години постоење и континуирана едукација на студентите од овие специфични области на техничките науки. Големиот јубилеј всушност се однесува на 6 октомври, денот на кој во далечната 1949 година е одржано првото предавање на Градежниот оддел на тогашниот Технички факултет.
Прославата на големиот јубилеј се одбележа со низа пригодни манифестации, од кои централна беше Свечената академија, која се одржа на 5.10.2019 година, во просториите на хотелот „Александар палас“ во Скопје.
На свеченоста беа присутни повеќе од 250 гости, меѓу кои настанот го збогатија високи претставници од Владата на Република Северна Македонија, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ректори и проректори од други државни универзитети од земјата, високи гости од повеќе европски универзитети, директори на јавни претпријатија, како и голем број високи претставници од градежните компании во државата, кои се долгогодишни драгоцени соработници на Градежниот факултет. Притоа, најблиските соработници на Факултетот добија пригодни плакети во име на големиот јубилеј.
Нескриено е задоволството кое потекнува од почитта која му беше укажана на нашиот Факултет со присуството на големиот број високи гости, драги пријатели и колеги од земјата и од странство. Почит, која за нас претставува и огромна одговорност да ја продолжиме традицијата и да обезбедиме Градежниот факултет да продолжи сигурно да чекори во иднината и да ги исполнува најблагородните цели во процесот на образувањето на новите генерации на градежните, геодетските и геотехничките инженери.
Кои се основните заложби и програма во однос на работењето на Факултетот во наредниот период?
Програмските заложби за работењето на Факултетот се систематизирани во тригодишната Програма за работа на Градежниот факултет, која во основа се базира на однапред дефинираните визија и мисија на Факултетот.
Основна визија на Градежниот факултет – Скопје во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е едукација и образование на квалитетни, високостручни, наставни и научноистражувачки кадри од областите на градежништвото, геодезијата и геотехниката, како и други со нив поврзани наставно-научни, истражувачки и стручни области.
Согласно наведеното, програмските заложби примарно се насочени кон одржливост и развој на институцијата, студиските програми и едуцирање на квалитетни кадри со основни и проширени знаењa, компетентност и вештини од соодветната специјалност, оспособени да одговорат на современите барања и трендови на пазарот.
Својата мисија, Факултетот, како единица на УКИМ, ја остварува врз основа на следните стратешки, плански и програмски заложби и активности:
-Обезбедување квалитетно и компетитивно високо образование на кадри од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката, на ниво на додипломски, постдипломски и докторски студии;
-Едукација на кадар којшто е конкурентен и оспособен за самостојна работа со широка основа за понатамошна континуирана надградба во професијата;
-Континуирано обезбедување на услови за реализирање на зацртаната програма за работа и реализирање на студиските програми со перманентно надградување и имплементација на највисоките научни и стручни сознанија во рамките на наставните дисциплини;
-Спроведување на интерактивност и транспарентност во наставата, како и имплементација на информатичката технологија и современи, автоматизирани мерни системи како базични ресурси во изведувањето на практично-стручната подготовка на студентите;
-Имплементација на Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во иновирањето на студиските програми и континуитет во обезбедувањето услови за реализирање на зацртаната програма;
-Интензивирање на билатералната и мултилатералната соработка со Универзитети и факултети во Европа и светот и обезбедување услови и можности за двонасочна мобилност на студентите и наставно-соработничкиот кадар;
-Постојано подигање на рамништето на научноистражувачката работа во специфични пропулзивни подрачја од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката;
-Развивање на соработката со стопанството, градежната и геодетската оператива, со цел научните сознанија и искуството во применувачката дејност на брз и едноставен начин да се трансферираат и да се применат за развој на нови технологии на градење и производство;
-Поттикнување и организирање на сопствената издавачка дејност согласно актите на Универзитетот.
Предизвикот да се студира на Градежниот факултет?
Секогаш е прашање на престиж да се студира на најреномираниот Универзитет во нашата земја и во негови рамки да се студира на најстариот и еден од најпрестижните технички факултети – Градежниот факултет во Скопје.
Градежниот факултет со својата понуда на класични и добро препознатливи студиски програми секогаш одел во чекор со потребите на градежната индустрија во нашата земја, а никако не смее да се заборави дека Република Северна Македонија спаѓа во редот на земјите со исклучително богата градителска традиција, која се протега векови наназад. Неуморни сведоци за тоа се бројните градби на целата територија на нашата земја. Во таа насока, со големо задоволство и нескриена професионална гордост, можам да истакнам дека речиси и да не постои позначаен објект од областа на градежништвото во нашата земја, во кој не е вткаен трудот и знаењето на професорите и студентите од Градежниот факултет – било во улога на проектанти, консултанти или ревиденти на проектната документација.
Градежниот факултет од своја страна прави сè во насока на зголемување на квалитетот на едукацискиот циклус од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката. Имајќи предвид дека едукацијата е основата на развојот на секоја успешна стопанска гранка, очекуваме дека нашите напори нема да бидат залудни и дека во извесна мерка ќе се намали трендот за емиграција на нашите високообразовани кадри од областа на градежништвото во развиените западни економии. Сепак, кога станува збор за „одливот на мозоци“, мора да се истакне фактот дека дипломите од Градежниот факултет се признаени во целиот свет, за што сведочат голем број наши колеги – завршени студенти на Градежниот факултет кои градат успешни професионални кариери на сите континенти. Тие наши колеги се вистинските амбасадори на Градежниот факултет.
По кои студиски програми е препознатлив Градежниот факултет?
На Градежниот факултет има три студиски програми: градежништво, геодезија и геотехничко инженерство. Системот на студирање е 3 + 2 + 3 (три години за прв, две за втор и три за трет циклус на студии) следејќи го трендот дека најголем дел од градежните факултети во Европа преминаа на овој концепт.
Главната цел на студиската програмата на студии за градежништво е да понуди мултидисциплинарни знаења од областа на составните модули, односно од градежното конструкторство, транспортна инфраструктура, хидротехниката и организација и менаџмент во градежништвото и обезбедуваат современ пристап во утврдување на базични знаења. Студиската програма е конципирана со цел на студентите да им овозможи сеопфатно образование, најнови научни и стручни знаења и вештини со посебен акцент на развој на креативните способности и самостојност при стручната работа. Оваа студиска програма образува експерт кој ќе поседува потребни теориски, научни и практични знаења од областа на градежништвото. Програмата ги оспособува студентите, идни градежни инженери, со стекнатите компетенции да бидат креатори на политиката на спроведување на науката во практика. Во првата фаза, по завршување на првиот циклус на студии, дипломираните инженери би биле оспособени за изведба на објекти, а би можеле да учествуваат како соработници и при проектирање, ревизија и надзор на објекти од пониска категорија.
Студиската програмата по геодезија нуди напредни мултидисциплинарни знаења од областа на геодезијата и клучните нејзини сегмети, како што севишата геодезија, инженерската геодезија, катастарот, геоинформационите системи, картографијата, фотограметријата, администрирањето со недвижностите од просторни, економски и правни аспекти. Во контекст на овие насоки студиите ќе обезбедат современ пристап во утврдувањето на базичните и напредните методологии за аквизиција, оформување, организација, обликување и дистрибуција на просторните податоци базирајќи ја неговата компетентност, интегритет и референтност во единствени координатни и проекциски системи. Студиската програма е конципирана со цел на студентите да им овозможи сеопфатно образование, најнови научни и стручни знаења и вештини со посебен акцент на развој на креативните способности и самостојност при стручната и истражувачката работа.
Студиската програмата на студии по геотехничко инженерство обработува мултидисциплинарни теми од областа на геотехниката, истражување на теренот и инженерството во заштита на животната средина.
Наставните содржини постојано се иновираат, а во успешната реализација централна улога играат лабораториските инструменти и теренската опрема донирани од нашата Влада и од Владата на Германија, или набавени во соработка со домашни компании.
Истражувачкото поле од областа на геотехниката е многу широко: геотехничко моделирање на физички и нумерички модели, примена на современи методологии и инструменти за истражување и класификација на теренот, нумерички методи во решавање геотехнички проблеми, нестабилни појави, работа на еврокодовите, депонии, геотермална енергија и др.
Дали предметот Пракса го има во Вашите студиски програми и колку тој предмет има важна улога пред завршување на студиите?
Општо е познато дека на Градежниот факултет преовладува теоретско-практична настава, така што е евидентно дека студиите имаат директна отвореност кон стопанството, кон потребите за остварување на секојдневните граѓански и државни обврски и привилегии. Преку студиите, се воспоставува рамнотежа и тесна соработка за перманентна едукација на кадрите од повеќе градежни компании, потоа со специјализирани фирми за изведба на градежни работи и проектирање, стопанските организации, јавните претпријатија кои се занимаваат со водење проекти, градба и одржување на патишта и железници, во единиците на локална самопурава, јавни комунални претпријатија кои посебно се занимаваат со комунална хидротехника, јавните водостопански организации и други субјекти, со што реално се создаваат предуслови за вработување на кадрите кои би ги завршиле студиите на Градежниот факултет.
Практичната настава е обезбедување работно искуство за студентите, со цел да ги применат своите знаења, да ги подобрат своите вештини и да се здобијат со професионално искуство во својата избрана област. Студентите ќе стекнат практично искуство во професионална средина, а се зголемува и нивната мрежа на познанства што овозможува подобра комуникација со деловната заедница. Практичната настава ја зголемува професионалната посветеност на студентите кои се стекнуваат со практично животно искуство.
Теренската настава е организирана со посета на позначајни објекти, како објекти во изградба, така и во фаза на нивна реконструкција низ државата. Се организира посета на саеми, семинари, симпозиуми и работилници поврзани со градежништво, геодезија и геотехника.
Како се одвива научноистражувачката дејност на Факултетот?
Паралелно, покрај наставата, Градежниот факултет големо внимание посветува и на научната дејност. Научноистражувачките проекти Факултетот ги реализира во сите дисциплини од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката базирани врз сопствените ресурси во истражувањата. Преку соработка со реномирани научни институти и компании од земјата и странство се овозможува реализација и на комплексни истражувања од различни научни области.
Генерално финансирањето на научноистражувачката работа се врши преку учество на научноистражувачки проекти финансирани од: Европската Унија (TEMPUS и ERASMUS проекти); Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија; Универзитет „Св. Кирил и Методиј“; стопански субјекти кои финансираат научни проекти поврзани со нивната дејност од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката и сопствени средства. Горди сме на фактот што досега на Градежниот факултет се реализирани (или сè уште се во фаза на реализација) повеќе од 30 научноистражувачки проекти. Меѓутоа, иако станува збор за релативно успешна дејност, впечаток е дека научноистражувачкиот потенцијал на Факултетот не е целосно искористен за откривање нови научни сознанија и унапредување на научната мисла. Една од причините е недостатокот на материјални средства, но секако, и несоодветното вреднување на научноистражувачката работа на ниво на државата.
Научноистражувачката дејност на Градежниот факултет е поддржана и со издавање на научно списание од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката: Scientific Journal of Civil Engineering. Првиот број од ова списание е објавен во декември 2012 и оттогаш се објавува два пати годишно. Списанието е достапно во електронска форма на веб-страницата на Градежен факултет – Скопје (www.gf.ukim.edu.mk). Во списанието се објавуваат оригинални трудови од пошироката област на градежното инженерство, како: сите видови на инженерски конструкции од високоградба и нискоградба, материјали, геотехника, геодезија, заштита на животната средина, менаџмент во градежништвото и сл. SJCE претставува медиум преку кој техничкото знаење и иновативните инженерски решенија стануваат достапни до пошироката научна и стручна јавност. Следниот број на списанието е веќе во подготовка и ќе биде објавен во јули 2020 година. Меѓународниот уредувачки одбор на списанието упатува повик до сите научници, истражувачи, инженери и членови на академската заедница да достават свои трудови и на тој начин да придонесат за развојот и одржливоста на списанието.
Покрај научното списание, Градежниот факултет е периодичен издавач и на Зборникот на Факултетот, во кој исто така се објавуваат квалитетни научни трудови од наставниот кадар на Факултетот.
Горди сме на фактот што Факултетот располага со квалитетен академски кадар којшто покажува значајни резултати во научноистражувачката дејност, која континуирано се збогатува преку редовно учество на голем број на меѓународни научни конференции, организација на научни собири, семинари, практични обуки, работилници, студиски престои во странство и друго, каде покрај теоретските аспекти се анализираат и практичните аспекти во градежништвото, геодезијата и геотехниката. Нашите наставници се трудат да ги следат најсовремените трендови од градежната и геодетската пракса. Во последните години се забележува значителен пораст на научноистражувачката работа што доведе до зголемен број на објавени научни и стручни трудови во реномирани научни списанија со меѓународен уредувачки одбор, како и во зборници од меѓународни симпозиуми.
Дали Градежниот факултет има соработка со други универзитети во странство?
Свесни сме дека меѓународната соработка претставува основа за креирање на стратегија за успешен развој на нашиот Факултет. Воспоставувањето, негувањето и развивањето на соработка со други универзитети и научноистражувачки институции од земјата и странство, било и ќе остане јасна мисија на Градежниот факултет. За тоа сведочат големиот број меморандуми за соработка кои Факултетот ги има склучено со бројни реномирани факултети и институции од Европската Унија и светот на полето на образовниот процес и научноистражувачката дејност.
Градежниот факултет успешно ја развива меѓународната соработка преку размена на наставен кадар, користејќи проекти за размена на студенти и професори по програмите на ERASMUS+, ERASMUS MUNDUS и CEEPUS (Central European Exchange Program for University Studies). Покрај тоа, Факултетот континуирано учествува во големи меѓународни проекти во рамките на Horizon 2020, ERASMUS, COST, FP7 итн., каде што нашите истражувачки кадри се дел од меѓународни конзорциуми. Може да се пофалиме со низа успешни апликации прифатени за финансирање во рамките на различни меѓународни програми.
Каква е соработката на Факултетот со стопанството?
Градежниот факултет може да се пофали со одлична соработка со стопанството. Многу често соработуваме со реалниот сектор во поглед на консултативни услуги, ревизии, стручни мислења и слично. Заедничкиот настап на нашиот пазар како партнер на дел од поголемите компании и институции во нашата земја е од исклучително големо значење за нас. На тој начин, голем дел од стекнатото академско и истражувачко знаење се пренесува на инженерите од праксата. Скоро и да нема поголем проект од аспект на значењето за нашата држава, но и во поглед на големината на инвестицијата во кој нашиот Факултет нема некој вид на учество.
Сепак, она што останува недоволно покриено, односно каде што има голем простор за соработка со стопанството е во делот на истражувањата, развојот на нови процеси, технологии, материјали. Постојат мал број примери каде компаниите и Факултетот оствариле ваков вид на меѓусебни релации. Имам чувство како да постои одреден вид на недоверба, недоволно јасни придобивки, но и отсуство на иновативност кај заедничките чинители. Обидите на кадарот на Факултетот да остварат некој вид соработка со реалниот сектор скоро секогаш се проследени со долготрајни преговори, дискусии и размислувања, па често и недоволно храбри одлуки на раководствата на институциите да одлучат да инвестираат за своите компании, за развојот на градежништвото во целост, за државата. На прсти може да се избројат овие заеднички проекти.
Затоа, би сакал да ги охрабрам раководствата на компаниите, но и нашите вработени поенергично да размислуваат на оваа тема. Сите имаме должност кон себе, но и кон нашето општество. Да се ставиме во функција на развој на нашaтa земја.
Во овие моменти на пандемија на коронавирусот станува сè поактуелно прашањето за електронско изведување на наставата. Како Градежниот факултет се соочи со овој предизвик?
Новонастанатата состојба со ширењето на вирусот SARS-CoV-2, којшто предизвика пандемија, во нашата земја го затекна образованието неподготвено да се соочи со оваа појава. Тука мислам на образованието во целост, од основното, па до високото образование, па дури и неформалното образование. Мислам дека и некои приватни образовни институции и центри коишто ги имаат делумно имплементирано дигиталните технологии во своето делување, не така вешто успеаја брзо да се прилагодат на состојбата, без последици.
Сите сме сложни дека во вонредни услови образованието трпи големи штети. Првата недела по прогласувањето на прекинот на наставата на сите нивоа во државата беше проследена без некакви активности и размислувања околу начините што да се прави и како да се продолжи со образовниот процес. Тоа веројатно беше и очекувано, сепак досега се немаме соочено со ваква состојба. Потоа, сите почнавме да размислуваме што понатаму.
Во рамките на Универзитетот, се донесе Правилник за начинот на реализација на дејностите на Универзитетот и единиците во неговиот состав согласно со мерките на надлежните органи во Република Северна Македонија за спречување на внесување и ширење на болеста. Во слична форма, на Факултетот донесовме и Одлука за начинот на реализација на дејностите на Факултетот за време на вонредна состојба согласно мерките на надлежните органи во земјата. На тој начин ги дефиниравме начините на реализација на наставните програми, онолку колку што дозволуваат предметните програми. Во тој контекст продолживме со образовниот процес со користење на видеоконференциски сервиси и платформи за учење. Делумно, материјалот за настава се сподели со студентите во форма на скрипти и презентации, задачи, семинарски, проектни задачи со директен контакт преку електронска пошта. Сега засега, делот околу проверка на знаењата остана да се спроведе кога ќе се создадат услови за нормално функционирање. Досега одржавме неколку состаноци во рамките на органите на Факултетот. Спроведовме одбрани на дипломски работи, магистерски тези и една докторска дисертација користејќи видеоконференциски систем.
Ова е одлична можност целосно да го преиспитаме наставниот процес на нашиот Факултет. Онаму каде што постојат можности за имплементација, пред сè поради природата на наставата, би требало да се стремиме да воведеме дигитални технологии и учење од далечина. Факултетот досега учествувал, но и предложил учество и водство на Еразмус+ проекти коишто се однесуваат на дигитализацијата во образованието. Не сме пионери, но сакаме да бидеме помеѓу првите кои ги имплементирале дигиталните алатки во образованието. Имаме искуство, не само во дигиталното образование, туку и во спроведување на дигитални пракси, виртуелни посети на компании.
Дополнително, оваа состојба е шанса да го прилагодиме и административното работење на Факултетот согласно современите трендови без користење хартија, кои ќе се сложите многу го олеснуваат животот и работата.
Која е Вашата порака до идните студенти на Градежниот факултет?
Студентите се бездруго најважниот и најблагородниот субјект во едукативниот циклус кој се одвива на нашиот Факултет. Сите заложби за унапредување на наставата, подигнување на мобилноста, учеството во научната работа и др., за кои претходно стана збор се всушност во основа посветени на студентите.
На Градежниот факултет просечно вкупно студираат околу илјада студенти на сите три образовни циклуси и на сите насоки. Тоа е бројка со која Факултетот може да се гордее, но во исто време тоа е бројка која обврзува. Илјада млади луѓе секоја година ни го доверуваат својот пат кон иднината и подготовката за предизвиците кои ги очекуваат во нивната професионална кариера.
Одговорноста на наставниот кадар е толку поголема што, покрај процесот на едукација и совладувањето на „тајните на занаетот“, професорите имаат улога и на воспитувачи, кои треба да имаат за цел и подигнување на општото ниво на културата на овие млади личности.
Драги наши идни колеги – студенти на Градежниот факултет во Скопје, мал е бројот на професионалци од која било област кои го имаат почувствувано задоволството од реализацијата на проектите кои резултираат со теренска материјализација на нивните капитални дела. Сметајте дека вие ќе бидете дел од таа привилегирана група на професионалци, чие образование ќе биде заокружено на Градежниот факултет во Скопје.
Од друга страна, верувајте дека Градежниот факултет, носен на крилата на 70-годишната традиција ќе продолжи сигурно да чекори во иднината и да ги исполнува најблагородните цели во процесот на образувањето на новите генерации на градежните, геодетските и геотехничките инженери.