Расте бројот на легализирани дивоградби во општина Кисела Вода. Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, денеска, во Големата сала на општината свечено додели нови 53 решенија, со што, бројот на решени предмети се искачи на 2640.
Динамиката на процесот на легализација е добра, за што влијае зголемениот број на комисии кои излегуваат на терен, кадровското и техничко доекипирање на Одделението за легализација и доделувањето на решенија на неделно ниво. Сепак, се уште не е мал бројот на предмети чија обработка не може да започне поради тоа што доставената документација не е целосна.
4030 лица, не можат да станат легални сопственици на имотите кои ги поседуваат бидејќи до општинските служби не доставиле геодетски елаборат.
По одлуката на Владата да им се излезе во пресрет на сите оние кои заради одредени причини не можеле да го испочитуваат законскиот рок за доставување на документацијата, истиот е продолжен до 31.12.2015, но сепак, останува апелот да не се чека до последен момент бидејќи легализацијата на дивоградбите е во заеднички интерес.
Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кој ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес.