Британската нафтена компанија British Petroleum (BP) извести во вторникот за најголема годишна загуба за последните 20 години и најави укинување на илјадници работни места поради падот на цената на нафтата.
Компанијата во 2015 година забележа загуба од 6,5 милијарди долари, што е дури полошо од резултатот од 2010 година, кога BP имаше големи трошоци поради излевање на нафтата во Мексиканскиот залив.
Чистата добивка на BP во четвртото тромесечје од минатата година изнесуваше 196 милиони долари, додека во последниот квартал од 2014, добивката изнесуваше 2,2 милијарди долари.
Меѓутоа, по отписот на имот, BP во последниот квартал од минатата година забележа загуба од 2,2 милијарди долари, додека во претходната година добивката добивката изнесуваше 970 милиони.
Покрај тоа во изминатото тромесечје BP за резерви одвои уште 440 милиони долари поради надомест на штетата во врска со излевањето на нафтата во мексиканскиот залив, со што вкупната загуба на компанијата поради катастрофата достигна 55 милијарди долари.
Со цел да ги намали трошоците од работењето, BP најави дека до крајот на 2017 година ќе укине 3.000 работни места во секторот преработка, покрај 4.000 места кои веќе ги најави во производството на нафта и гас, во рамки на програмата за реструктуирање во вредност од 2,5 милијарди долари.