David Cameron, Nick Clegg и Ed Miliband, лидерите на водечките политички партии во Велика Британија, пред најавените парламентарни избори склучија пакт според кој земјата забрзано треба да се движи кон целосно укинување на производството на електрична енергија од јаглен. Во првите три квартали минатата година, термоцентралите на јаглен учествуваа со 37% во британскиот енергетски микс. Сепак тамошните централи емитуваат повеќе јаглерод диоксид отколку националните економии на Норвешка и Шведска заедно.
Тројцата политичари се усогласија на климатската конференција во Париз да ги поддржат задолжителните цели за намалување на емисиите за да се задржи глобалиот раст на температурите на зададеното прифатливо ниво. Изградбата на нови термоцентрали на јаглен без систем за зафаќање и складирање на јаглерод диоксид во Британија е веќе забранета, а тамошната влада очекува до 2027 година да се затворат сите класични термоцентрали на јаглен, освен оние со систем за зафаќање и складирање на јаглерод диоксид. Ваквиот став кон јагленот е новост за лабуристите и конзервативците, додека либералите веќе и претходно се залагаа за зелена економија.