Британците наскоро ќе може да патуваат со возови кои користат биометан добиен од човечки и животински отпад како гориво, со што се намалува емисијата на штетни гасови.
Инженерите кои стојат зад проектот „Bio-ultra“ на компанијата „Ultra Light Rail“ имаат намера да ги заменат градските возови и трамваи со алтернативни возила кои користат биометан како гориво и со тоа ја штитат животната средина.
Компанијата доби и финансиска помош од фондот на британската влада за развој на воз со биометан. Возот во иднина треба да има капацитет да превезува 120 патници.
Биометанот е вид на биогориво што се добива од повеќе видови отпад, вклучувајќи тиња од отпадни води, остатоци од култури на полињата, ѓубриво и остатоци од храна. Сите овие остатоци се распаѓаат од бактерии и се добива гас кој може да се користи како „почисто“ алтернативно гориво, пишува Energy Live News.
Иако биометанот ослободува јаглерод диоксид во атмосферата, поборниците на овој вид гориво тврдат дека овие процеси се природни и дека употребата на ова гориво им дава нова намена на овие суровини, а исто така спречува употреба на фосилни горива.
URL планира да го понуди своето решение за поголемите и помалите градови во Велика Британија за да се намали загадувањето и да се подобри квалитетот на животот.