Почетокот на овој милиениум донесе со себе своевиден пресврт во начинот на изградба на станбените објектите во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, а коишто ги отсликуваат и глобалните трендови во оваа насока. Во голема мерка британските промени се резултат на согледувања на национално ниво, коишто произлегуваат од документи како „Баркеровиот извештај за станбена изградба“ од 2003 година (Barker Review of Housing Supply) и „Планот за одржливи заедници“ (Sustainable Communities Plan).
Објект во „Тудор“ стил во Велика Британија
Така, од една страна, „Баркеровиот извештај“ излегол со проценка за идните станбени потреби базирани на очекуваниот број нови домаќинства во земјата во периодот до 2016 година, додека „Планот за одржливи заедници“ ја зацртал новата програма за масивна станбена изградба за да се задоволат очекуваните станбени потреби во земјата. Како резултат на ова, тогашната лабуристичка влада воспоставила барање од 2004 година, 25 проценти од социјалните станбени единици изградени со финансиска поддршка од јавните фондови да мора да бидат изградени со примена на современите методи на изградба.
Современите методи за изградба (Modern Methods of Construction) не се ништо ново, станува збор само за нова етикета или ребрандирање на главно веќе познати системи за изградба, кои масовно биле користени во периодот на повоената обнова на земјата и масовната станбена изградба по завршувањето на Втората светска војна. Се разбира, станува збор за методи на изградба кои порано беа познати под името префабрикувани методи на изградба. Притоа, голем дел од објектите изградени по овие методологии се сметале за објекти од времен карактер, слично на монтажните објекти изградени по земјотресот во Скопје од 1963 година.
„Портабл“ канцеларија во Лондон
Овие објекти во Обединетото Кралство по Втората светска војна, главно, не уживаа добра репутација заради проблемите сврзани со квалитетот на користените градежни материјали и слабиот квалитет на изработка. По појдовниот ентузијазам, примената на овие методологии во станбената изградба во Велика Британија, речиси во целост наполно замрела, додека технологијата останала да се применува претежно во доменот на станбените објекти.
Возобновениот интерес за примена на познатите технологии на префабрикувана градба, но сега ребрендирани под името современи технологии на изградба, особено во доменот на станбената изградба, е резултат на потребата станбените единици да се изградат во колку е можен покус временски период, но и со колку е можно пониско квалификувана работна рака. Ова последново е резултат на недостигот на квалификувани градежни работници во земјата.
Парадоксално, иако намалениот период на изградба и примената на пониско квалификуваната работна рака би се се очекувало да резултира во пониска цена на градење, во пракса излегува дека вака изградените објекти се поскапи од оние изградени според традиционалната метода со масивна конструкција од тула, бетонски блокови и малтер.
Од 2004 година до сега, дрвената бондучна конструкција доминира во изградбата на станбени објекти според примената на современите методи за изградба. Без оглед на избраната методологија, дел од прозиводството, префабрикацијата, се одвива во фабрички услови каде што е полесно да се контролира квалитетот на изработка на компонентите, но истовремено се овозможува и најрационално користење на материјалите, со што се намалува и количеството на градежен шут во текот на изградбата на еден објект.
Префабрикувана куќа во Нотингам
Ова, се разбира, придонесува за еколошките предности при примената на вакви методологии на изградба. Дополнително, примената на лесни градежни материјали придонесува за намалување на тежината на објектот, со што и темелењето на објектот станува порационално, но и придонесува за ниското ниво на вградена енергија во новоизградениот објект.
Се разбира, секоја методологија на изградба има свои предности, но и недостатоци. Во оваа смисла, примената на дрвена бондучна конструкција не е исклучок. Примената на лесни и запаливи материјали го зголемува ризикот од пожари, особено во текот на изведбата на објектот, но и по неговото завршување, особено кога квалитетот на изработката не е најдобар, што може да овзоможи пренос на оганот низ шуплините на конструкцијата на објектот. Со оглед на тоа што британските градежни прописи дозволуваат да се градат објекти со дрвена бондручна конструкција со висина од седум ката, противпожарната заштита на објектот е од особено значење.
Во оваа смисла, големо внимание на стручната и пошироката јавност беше предизвикано од пожарите до кои дојде во текот на изградба на повеќекатни објекти со дрвена бондучна конструкција во Лондон и Њукасел, како и на објект со дрвена конструкција во изградба за Универзитетот во Нотингам. При ова, не само што беа предизвикани големи материјални штети на објектите во изгрдаба туку беа загрозени и соседните објекти.
Ова резултираше во големо заострување на прописите за заштита при работа, така што сега веќе не е економски оправдано да се градат повеќекатни објекти со дрвена бондучна конструкција во густо изградените урбани средини. Во вакви случаи треба ефективно да се изведе противпожарен ѕид по обемот на градилиштето, но со висина соодветна на проектираната висина на објектот во градба или, пак, елементите на дрвената конструкција да бидат противпожарно заштитени при самиот почеток на нивното вградување, што, се разбира, значително ги зголемува трошоците на изградба.
Други забележани недостатоци сврзани со дрвените бондручни конструкции се оние што произлегуваат со поголемото ниво на оштетување на објектот во случај на продор на влага или вода во конструкцијата. Искуствата од другите земји укажуваат и на проблеми сврзани со можното оштетување на дрвената конструкција од термити, кои до скоро не беа присутни на британскиот остров, но коишто веќе, за сега, инцидентно се појавуваат во најјужните делови на земјата, но и за проблемите сврзани со „илегалното“ доселување на глодари во новоизградените објекти.
Како резултат на ова, се чини дека во последно време ентузијазмот за примена на дрвената бондручна конструкција како да спласнува помалку, особено кај поголемите градежни фирми коишто немаат сопствени погони за префабрикација на станбени објекти со примена на дрвена бондучна конструкција. Нивното внимание се чини дека полека се пренасочува кон примената на „бондручна“ конструкција од лесни челични профили каде што дебелината на металот е помала од 1мм.
Се разбира дека со помасовната примена на оваа технологија полека ќе се воочат и предностите и недостатоците на овој систем, коишто делумно ги дели карактеристиките со оној базиран на примената на дрво. И покрај ентузијазмот на власта и градежните фирми вклучени во процесот на станбената изградба за примената на современите методи на изградба, сè уште над 60 проценти од анкетираните им даваат предност на традиционално изградените објекти од тула, бетонски блокови и малтер.
Веројатно, помалку познатите аспекти свзрани со примената на дрвена или метална бондручна конструкција се оние сврзани со клаузулите што доаѓаат честопати напишани со ситни букви во договорот, а што се однесуваат на ограничувањата во однос на идната адаптација, доградба или проширување на ваквите објекти.
Со оглед на тоа што конструктивниот систем е испроектиран со цел да се минимизира примената на носивиот конструктивен материјал, можностите за идна интервенција во рамките на конструктивниот систем на објектот се или многу ограничени, или пак се условени од фирмата на градежни инженери-статичари, којашто го испроектирала конструктивниот систем, и мора да се ангажира при евентуалните идни размислувања за промени во оргиналниот носив конструктивен систем.
Како и секогаш, при изборот на носивиот конструктивен систем треба да се пристапи на сеопфатен начин којшто ќе ги земе предвид не само тесните интереси на инвеститорот и изведувачот, туку и пошироките интереси и очекувања на идните корисници и сопственици на овие објекти.