-->
-->
Насловна / Вести / Bread club во Загреб: Спој на занаетчиство, гастрономија и култура

Bread club во Загреб: Спој на занаетчиство, гастрономија и култура

Bread club е ланец на sourdough пекарници кои се наоѓаат на повеќе локации во Загреб. Производството на sourdough лебот стана сè поактуелно во последниот период како низ светот, така и кај нас. Па така, во Загреб уште пред пет години е отворена пекарница која прави леб со природен квасец.

Тимот на Bread club е составен од луѓе кои се љубители на пекарството, делат иста страст, кои и покрај различните професионални средини и приказни решиле да се посветат на својата страст и љубов, која ја пренесуваат преку рецептите и печивата. Технологијата на природниот квасец е нуспроизвод на природата.

Тимот кој работи во пекарницата одлучил да го примени знањето за природниот квасец, ферментацијата и квалитетот на житото во производството на леб од кисело тесто. Технолошки е најкомплексен тип на печење и подготовка, но е и највкусен и најубав. Сè се работи рачно и од темел, состојките се квалитетни и се почитува должината на процесот на изработка, што се најбитните фактори за квалитетно печиво.

Bread club е визија која постојано се развива и се стреми кон квалитет, постојано учење, промена на културните навики во исхраната, посветеност и многу работа.

Пред неполни три месеци, во декември 2024 година, се отвори нова, редизајнирана пекарница. Bread club 8 се наоѓа во строгиот центар на Загреб, на крстосницата помеѓу улиците „Илица“ и „Франкопанска“. Нов дизајн, визуелен идентитет, понуда и приказна сама за себе. Просторот е исклучително специфичен и се состои од три зони, кои се одделени според својата функција.

Па така, во првата зона при самиот влез поставени се витрини со што веднаш добиваме детален преглед на сите печива и деликатеси кои ги нуди пекарницата и можат да се вкусат. Во овој дел може да се нарача и кафе, чај или појадок што се подготвува пред посетителот.

На прозорецот се поставени хоризонтални дрвени полици на кои е изложен лебот, а од другата страна просторот за подготовката на печива и останата храна која може да се нарача, сè со цел воспоставување комуникација внатре-надвор, односно предизвикување љубопитност кај секој случаен минувач низ овие прометни улици, да застане за момент и да „ѕирне“ што се случува од другата страна на стаклото, па можеби и да го натера да влезе и види какво искуство нуди овој локал.

Движејќи се кон централната зона, односно втората просторија, забележуваме неколку маси со ниско седење, кои нудат простор за индивидуално или за групно дружење и појадок низ разговор или едноставно уживање во своето утринско или попладневно кафе.  Во овој простор јасно се гледа дека е внимавано на секој детал кој е присутен, на парчињата мебел и на сите материјали кои се користени. Низ оваа просторија има постојано движење, влегување и менување на посетителите кои го користат просторот за дегустирање на вкусните деликатеси што се нудат.

Преминувајќи од втората кон третата, односно последната зона, од почетниот раздвижен градски ритам, одеднаш влегуваме во зона која повикува да се препуштиме на поприватна и порелаксирана атмосфера. Тука има само една висока маса со шест столчиња, а целиот простор е еден вид галерија каде може да се погледнат уметнички дела на неколку уметници кои се поставени по периметарот на оваа соба. Последната зона, најоддалечена од почетната точка, градскиот метеж и најприватна од сите, нуди простор и можност за длабока, фокусирана работа, понастрана од раздвиженоста во останатите простории.

Движењето низ просториите е природно и со самото поминување низ една просторија, таа ве повикува да влезете во следната. Започнува од улицата како почетна точка, која е јавен простор, и завршува со последната, приватна зона, која овозможува да се исклучите од градскиот метеж и длабоко да се фокусирате кон она што вам ви е во тој момент потребно.

Bread club е простор кој далеку повеќе се разликува од класичните пекарници во Хрватска и се поврзува со многу повеќе од леб и од печива. Во овој проект е ставен акцент на изедначување на квалитетот на производот со исто ниво на целокупното искуство на гостинот. Архитектката Ања Господнетиќ која е автор на внатрешното уредување на овој простор вели дека инспирација за истиот се непретенциозните, мултифункционални простори во странство, кои функционираат како места за работа, кафе или бранч, каде веќе не зборуваме само за обична пекарница, туку за мултифункционален угостителски објект.

Материјалите, текстурите и боите се константа во пристапот, препознатливи се и се провлекуваат низ сите локации на Bread club, но тие се секогаш концептуално приспособени во однос на контекстот, а овде на оваа локација конкретно тоа е историското наследство. Во овој простор се задржани високите тавани, порталот на влезот, а самиот мебел го евоцира историскиот период, приспособувајќи се и на минатите и на современите барања. Во овој простор има „vintage“ столчиња, кино столови од стилот на арт деко и глазирани плочки од тој период. Поставени се површини од не’рѓосувачки челик и дрвени површини, односно тонови на темнокафено и на светло дрво, кафен плиш и кожа, и скромен број на црни акценти. Ова се елементите кои го дефинираат старо-новиот изглед на Bread club.

„Самиот простор беше многу предизвикувачки во однос на распоредот, полн со неправилности и специфичности, и нè принудуваше да размислуваме „out of the box“. Но, како што често се случува, кога таков предизвик успешно ќе се надмине, станува предност на самиот проект“ – вели Ања Господнетиќ.

Bread club не е само пекарница, туку простор кој комбинира традиција, иновација и современ дизајн, создавајќи уникатно искуство за секој посетител. Со внимателно дизајнираниот ентериер и со мултифункционален пристап, оваа локација во центарот на Загреб претставува спој на занаетчиство, гастрономија и култура. Bread club 8 е уште еден чекор понапред во надградување на овој бренд, кој цели кон одржување на визијата за баланс меѓу квалитетот на производите со просторот кој ги обединува.

Автор: Ана БОЈАЏИЕВСКА, студент по архитектура

фотографии: Сања ЈАГАТИЌ

Испрати коментар

Scroll To Top