Градскиот смет од дивата депонија во Тетово не само што не се изнесува, како што најави градоначалничката Теута Арифи, туку се носат и нови количини, а брдата ѓубре уште повеќе се зголемуваат, пишува „Утрински“.
Тоа е епилогот од нереализираниот договор на ниво на Полошки плански регион, што го сочинуваат градоначалниците од сите девет општини во тетовско-гостиварскиот крај.
Транспортерите на Јавното комунално претпријатие „Тетово“ по којзнае кој пат се блокирани од мештани од селата Долна Бањица и Сушица, најблиските населби до депонијата „Русино“ кај Гостивар. Овој пат нивниот револт беше голем, зачудени од неодговорниот однос на оние што се повикани и најодговорни за дефинитивното разрешување на проблемот со депонирање на сметот.
„Пристапниот пат до ’Русино‘ не е доведен како што е договорено. Има мали поправки на еден дел, што не е доволно да се користи за транспорт. Ѓубрето се носи во дневни услови. За другите услови што беа договорени и да не зборуваме“, вели Насир Хасипи, претседател на советот на Месната заедница Долна Бањица.
Локалното население од најблиските села на „Русино“ истакнува дека договарањето од вторникот било трето по ред, но досега никогаш не се реализирало тоа што било утврдувано. Токму поради ваквиот неодговорен однос, нема да дозволат да се носи смет. Во деновите на викендот не успеавме да го дознаеме ставот на Јавното комунално претпријатие „Тетово“, ниту од Општина Тетово. За тетовци, ваквите однесувања и натамошно полнење на дивата депонија на влезот во Тетово од страната на Скопје, е уште едно големо разочарување.