Кога зборуваме за растенија кои треба да ги красат нашите домови во овој период од годината, божиќниот кактус треба да биде незаменлив дел од нашата декорација. Ова растение го добило името поради периодот во кој почнува да цвета, што се случува токму за време на новогодишните и божиќните празници.
Божиќниот кактус (лат. Epiphyllum Truncatum) е собно растение идеално за суви затворени простори и не треба премногу често да се залева.
Неговите раширени, светло зелени гранки можат да пораснат и до половина метар, а цветовите можат да бидат црвени, жолти, бели, розови или виолетови. Секој цвет може да достигне големина и до седум сантиметри, но токму во ова време на цветање божиќниот кактус е почувствителен од било кога.
Меѓутоа, постојат одредени чекори што можете да ги преземете за да му дадете на вашиот Божиќен кактус совршени услови за цветање за време на празничната сезона. Иако е растение од семејството на кактуси, сепак му требаат малку поинакви услови од пустинските примероци.
Наводнувајте го умерено
За да биде божиќниот кактус во полн цут, потребно е да се внимава на количината на вода. Се препорачува да се полева еднаш неделно или пак на неколку дена лесно да се освежуваат листовите и почвата со прскање со вода.
Кога ќе видите дека неговите пупки почнуваат да бабрат, што е знак дека наскоро ќе процвета, малку зголемете ја количината на вода.
Изложете го на умерена сончева светлина
Исто така, важно е да се внимава и на светлината. Божиќниот кактус не е љубител на директна сончева светлина.
Затоа најдобро е да го сместите во источниот дел од станот за наутро да добие малку посилна светлина која во текот на денот ќе се намалува. Во идеални услови, треба да му се обезбедат 10 часа дневна светлина и 14 часа темнина за да се поттикне неговото цветање.
Преместување не е пожелно за време на цветањето
Доколку вашиот кактус е подолго време во некој дел од станот или куќата, што можеби не е идеално според сето досега кажано, не се препорачува сега да го преместите, бидејќи се работи за растение кое е исклучително чувствителна на каква било промена за време на цветањето.
Откако ќе ги покаже првите цветни пупки, на божиќниот кактус му треба мирување. Дури и најмала промена ќе предизвика паѓање на сите пупки кои се појавуваат.
Внимавајте на температурата на просторијата
Иако на божиќниот кактус не му пречи сувиот воздух што се создава со загревање на просториите, му пречи превисока температура. Идеално би било кактусот да се чува на 20 степени Целзиусови. Значи, дефинитивно мора да биде во загреана просторија, но умерено.
Доколку е потребно, пресадете го во поголема саксија
Кога ќе помине периодот на цветање, божиќниот кактус можете да го пресадите во поголема саксија, што е потребно да се прави на секои две до три години, а токму тогаш е и време за негово размножување со исечоци од лисја. Секако ова избегнувајте го во периодот на цветање.