Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје организациски припаѓа на Ботаничкиот завод на Институтот за биологија. Активностите околу нејзиното формирање почнале во 1948 година, а во 1951 година била официјално пуштена во употреба на површина од 14 хектари. Денес таа зафаќа површина од 11 хектари. При нејзиното формирање се консултирани врвни познавачи од просторите на поранешна Југославија, така што Ботаничката градина за релативно краток период прераснала во објект со своја препознатлива физиономија. Во систематските полиња биле внесени голем број автохтони видови растенија од флората на Македонија и растителни видови кои потекнуваат од другите делови на светот, добиени по пат на широко воспоставената размена на семенски материјал. Во периодот на најголема активност во градината биле вработени двајца научни соработници и 19 работници, кои се грижеле за околу 400 дрвенести и грмушести примероци, преку 3.000 саксиски примероци, три стакленици, еден ладилник и поголем број систематски полиња.
Паралелно со работите за просторното уредување и изградба на одделни објекти, во периодот од 1970 до 1989 година се оформила семенска збирка и се издавал каталогот Delectus seminum, и преку размена на семенски и жив материјал се воспоставила соработка со бројни ботанички градини ширум светот.
Функционирањето на градината е тесно поврзано со наставната пракса на Институтот за биологија уште од почетокот на нејзиното формирање, а претставува значајно место и за едукација на учениците од основните и средните училишта. Во исто време, просторот на ботаничката градина се користи за изработка на бројни научни проекти, магистерски работи и докторски тези. Од нејзиното формирање до денес градината редовно е посетувана од организирани групи деца од претшколска возраст и групи на ученици од основно образование, а повремено се организира и практична настава за ученици. Пред дваесетина години, со заеднички напори на ПМФ со Фармацевтскиот факултет, изграден е простор за одгледување на лековити растенија од територијата на Македонија.
Исклучително богатиот растителен диверзитет на Македонија (над 3.500 растителни видови, од кои 117 се ендемични), денес е изложен на бројни сериозни закани, пред сѐ, од антропогена природа, но не помалку важни се заканите од природни нарушувања. Во тој поглед, секако посебно внимание заслужуваат веќе актуелните климатски промени. Свесен за сериозната изложеност на растителната разновидност, Институтот за биологија, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, во рамките на Ботаничката градина пред дваесетина години изгради Објект за интродукција и аклиматизација на ендeмични, реликтни, ретки и лековити растенија од флората на Република Македонија. На просторот на овој објект досега се внесени поголем број флористички значајни растителни видови кои имаат посебен третман на видови што се заштитени надвор од природните живеалишта. Со изградбата на објектот, беа создадени потребните услови за реализација на новата функција на ботаничката градина на ПМФ во Скопје, таа да прерасне во центар за заштита на растителната разновидност во нашата земја. Со други зборови, објектот претставува реализација на една од мерките која е предвидена во Стратегијата и акциониот план за заштита на биолошката разновидност на Македонија во рамките на стратешката определба за ex-situ заштита.
Поради недостаток на финансиски средства Ботаничката градина во последните 2 децении се наоѓаше во релативно лоша состојба. Во 2017 година од ГЕФ ПМГ – Република Македонија беа доделени финансиски средства за реализација на проектот „Унапредување на заштитата на растителниот диверзитет, енергетската ефикасност и едукацијата во Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје“. Проектот се спроведува од Македонското биолошко друштво во соработка со Природно-математичкиот факултет и во негова реализација се вклучени 12 експерти од Институтот за Биологија. Во оваа прилика би ја потенцирале значајната улога на доц. д-р Рената Ќуштеревска, проф. д-р Славчо Христовски, проф д-р Биљана Миова и екологот Цветанка Цветкоска, кои во проектот покажаа голем ентузијазам и залагање. Тие не штедејќи го секое слободно време во текот на изминатата година, со свои познаници активно се вклучија во градежните активности. Исто така обезбедија и дополнителна помош од приватни компании со која во текот на 2018 големиот Стакленик беше целосно реконсруиран. Успешната реализација на проектот им е дополнителна мотивација да продолжат со реализирање на нивните планови кои се вклучени во изработената Стратегија за Ботаничката градина. Со реализација на оваа стратегија Ботаничката градина ќе прерасне во репрезентативно катче за богатата флора на Република Македонија, каде посетителите ќе имаат можност да се рекреираат и едуцираат за растителната разновидност.
Нашата визија:
Македонија ефикасно го чува своето растително богатство преку развивање на научните и образовните потенцијали.
Нашата мисијата:
Ботаничката градина на ПМФ учествува во конзервација на растителниот свет, ја промовира биолошката едукација и овозможува научни и апликативни истражувања во соработка со други ботанички центри.
Стратешки приоритети во наредниот период се: развој на човечките капацитети, подобрување на ex-situ конзервацијата и збогатување на растителниот фонд, подобрување на инфраструктурата, соработка со други ботанички центри, обезбедување самоодржливост и промовирање.
Ботаничката градина претставува единствен објект во градот Скопје и пошироко во Република Македонија. Со својата дејност и местоположба таа постепено прераснува во значајна институција од наставно-научен, едукативен, културен и рекреативен карактер. Таа претставува простор кој е и ќе биде посетуван од бројни вљубеници во природата, студенти, ученици, ботаничари.
Автор: Цветанка ЦВЕТКОСКА, еколог