Насловна / Арт и дизајн / Book Monster: Бескрајни можности – и за книгите и за оние кои ги обожуваат

Book Monster: Бескрајни можности – и за книгите и за оние кои ги обожуваат

Секој страствен читател знае – никогаш нема доволно книги, но често му снемува простор некаде да ги смести.

Доколку сте од оние чија колекција постојано се шири, време е да им дадете посебно место на книгите. Book Monster е модуларен мебел кој имагинативно и функционално комбинира удобна фотелја и пространа полица за книги, создавајќи совршен трон за секој љубител на пишаниот збор.

Дизајн инспириран од приказни

Ова уникатно парче го дизајнирал и рачно изработил Yangminsa од JLF Design Studio, а неговата динамична форма го поттикнува секој љубител на книги конечно да ја заврши приказната што ја одложува со месеци. Фотелјата има ергономска и брановидна силуета, која визуелно изгледа како книгата да се чита и страниците да се вртат. Освен што обезбедува удобност, овој дизајн предизвикува чувство на авантура и неизвесност, исто како добра книга.

Модуларен концепт: Торзо и Крилја

Торзо (фотелјата) може да се користи самостојно или во комбинација со Крилјата (полиците), кои наликуваат на монструозни раце подготвени да грабнат книги. Крилјата се поделени на повеќе секции, обмислени да ги рефлектираат различните фази низ кои поминуваат книгите – од оние што се уште неоткриени, преку оние што моментално се читаат, до оние што се прочитани и оние зачувани за идно прелистување. Оваа необична полица совршено ги организира книжевните светови на нејзиниот сопственик.

Креативна инспирација за сите генерации

Претставен на Stockholm Furniture Fair 2025, Book Monster е дизајниран да ја поттикне имагинацијата и креативноста. Единствениот изглед ја прави фотелјата совршен додаток за секој колекционер, љубител на необичен мебел или модерен дом каде што книгите заземаат централно место.

Без разлика дали барате практично решение за вашата библиотека или само сакате посебно катче за уживање во приказните, Book Monster носи бескрајни можности – и за книгите и за оние кои ги обожуваат.

Испрати коментар

Scroll To Top