Како и секоја година, по внимателно анализирање на трендовите и случувањата во светот на модата и дизајнот, светскиот Институт за бои Pantone ја прогласува Бојата на годината, бојата што ќе го одбележи периодот што следи. По минатогодишната интензивна и смела нијанса на Viva Magenta, Pantone предвидува повеќе нежност и романтика во наредната година.
Избрана е PANTONE 13-1023 Peach Fuzz, кадифено нежна боја, сензуална и топла, која носи чувство на смиреност и релаксација. Софистициран и романтичен тон на праска со винтиџ допир, експертите на Pantone ја опишуваат како боја што го отсликува минатото, но е преобликувана со современ амбиент.
Топлите тонови на Peach Fuzz бојата нè потсетуваат дека витален дел од животот е да се има добро здравје, издржливост и сила за целосно уживање.
„Додека во секојдневниот живот се нагласува продуктивноста и достигнувањата, значајно е да се препознае важноста од негување на нашите внатрешни битија и изнаоѓање моменти за одмор, креативност и поврзаност меѓу луѓето среде метежот и брзината на живеењето. Имајќи го тоа на ум, сакавме да се свртиме кон боја која може да ја нагласи важноста на заедницата и собирањето со другите“, велат од Институтот за боја Pantone. Бојата што ја избраа за Pantone боја на годината 2024 треба да ја изрази нашата желба да бидеме блиски со оние што ги сакаме, како и радоста што ја чувствуваме кога едноставно уживаме во моментот на тишина сами.
Визуелно атрактивна и привлечна, PANTONE 13-1023 Peach Fuzz е нијанса што инспирира инстинктивно да се посака да се пружи допир. Инспирира чувство на припадност и пријатна семејна топлина.
Воведувањето на меката и топла PANTONE 13-1023 Peach Fuzz во ентериерите на домовите ќе создаде пријатна атмосфера за добредојде. Поттикнувајќи го чувството на нежна топлина, без разлика дали се појавува како боја на ѕид, декорација и мебел, или само како внатрешен детал, PANTONE 13-1023 Peach Fuzz ќе внесе допир на мир во нашите лични светови.