Компанијата Boeing ќе вложи дополнителни 450 милиони долари во фирмата Wisk, за да го поддржи развојот на идните беспилотни летечки такси возила, објави американскиот воздухопловен гигант. Калифорниската фирма Wisk, која е во сопственост на Boeing и Kitty Hawk, компанија за воздухоплови покрената од коосновачот на Google Larry Page, е една од неколкуте десетици компании кои развиваат електрични автомобили со вертикално полетување и слетување (eVTOL). Се разликува од другите по тоа што е фокусирана на автономен лет, односно на летечко возило без пилот.
Одлуката да се прескокне генерацијата на летечки автомобили со кои управува пилот, а кои се развиваат од страна на независните стартап компании и некои групи за воздухопловство, значи дека беспилотните возила на Wisk ќе бидат во употреба подоцна, односно после 2024 година, која е утврдена од страна на повеќето конкуренти за летечките автомобили со пилот.
Boeing одби да го наведе рокот за лансирање на своето патничко возило од шестата генерација, а некои извори од таа индустрија откриваат дека во оптек е идејата неговата сертификација да започне околу 2028 година. Од Boeing тврдат дека тоа ќе биде прво автономно воздушно возило кое ќе биде сертифицирано во САД.