Насловна / Арт и дизајн / Боаќе – ретроспективна изложба во Тејт Британ: Летајќи во унија со ноќта

Боаќе – ретроспективна изложба во Тејт Британ: Летајќи во унија со ноќта

Линет Јадом Боaќе (1977), е доброетаблирана уметница од помладата генерација британски сликари. Оваа родена лондончанка активна е од 2005 година и била во конкуренција за престижните награди како Тарнеровата награда и Наградата на Венецијанското биенале. Нејзините дела се дел од колекциите на големи светски музеи и приватни збирки и зад себе има реализирано повеќе од 20-тина самостојни изложби. Последната нејзина изложба која се одржа  од 2 декември 2020 до 31 мај 2021 година во Тејт Британ, Лондон, собра околу 80 дела од 2003 година до денес, во најопсежното истражување на кариерата на уметницата досега.

Lynette Photo-2_resize

Сепак, последната нејзината поставка во Тејт Британ, не може, а да не се интерпретира делумно и во светлото на настаните по убиството на Џорџ Флојд во Минесота, САД во мај 2020 година. Против расизмот и полициската бруталност, но и како потсетување на историските неправди кон црните луѓе беа организирани масовни демонстрации. Статуата на трговецот со робови, Едвард Колстон во Бристол, беше симболично обесена и фрлена во морето, како што илјадници робови беа фрлани од прекуокеанските бродови во 17 и 18 век за време на срамната историска трансатлантска трговија со робови. Како институционален одговор на јавниот и уличен протест по повод убиството на Флојд мината пролет, големите музеи се свртеа кон обоените уметници.

Lynette Photo 7_resize

Уште од самите почетоци Линет Јадом Боаќе била решена да се посвети на фигуративното сликарство. Таа потреба потекнувала од желбата да ги направи црните луѓе видливи и јавни, но и неизбежен дел од историско-уметничкиот канон. И покрај сè, вистински портретирани личности отсуствуваат, а индивидуите на платното се производ на нејзината имагинација или фиктивен колаж од секојдневни лица. На изложбата сликите од голем формат се мешаат со мали, интимни платна. Присутен е динамизам и разговор кој не е хронолошки, иако изложбата е ретроспективна и опфаќа дела од 2003 до 2020.

11_resize

Сликарство на Јадом Боаќе е фигурално, но ликовите на платно живеат во апстрактен, вонвременски свет. Сепак, како што и самата ќе истакне темнотијата на кожата никогаш не било нешто надвор од нејзиното секојдневие или различност. Нејзината ангажираност не е во „измите“, туку во слободата да се биде своја и својствена на сопствениот искрен, автентичен свет.

14_resize

Насловот на изложбата „Летајќи во унија со ноќта„ е преземен од еден нејзин стих:

Со леснотија додека денот ја брише ноќта

и при болка додека ја ублажува светлината,

Слободно како буфот кога потребата затропува

летајќи во унија со ноќта.

Lynette Photo 5_resize

За оваа уметница поезијата и пишувањето е исто толку важно колку и сликањето. Таа не ја црпи инспирацијата од поезијата, ниту пак ги илустрира дополнително со поезија нејзините дела. Стиховите се дополнителните чувства, кои се раѓаат во моментот на создавање, но не наоѓаат директен одраз во сликите.

Lynette Photo-1_resize

Секоја слика е композит на различни движења и пози, набрзина скицирани директно на површината на платното. Таа започнува со боја, композиција, гест или светлосен одблесок. Иако дел од портретираните индивидуи се смеат, гестикулираат или гледаат директно кон нас, тие се преокупирани со сопствените мисли и изведба. Кожата на мажите, жените и децата во сликите на Линет е исклучително и решително темна и во изборот на бојата одлучувачки фактор е „црноста“. Вообичаено и неодредената, енигматска заднина е темна исто колку и ликот. Единствениот одблесок на боја доаѓа почесто од монохромната облека, а поретко од геометриски орнаментираниот мебел.

5_resize

За портретираните субјекти и самата ќе истакне дека „не е важно кој се, туку што се“. Тоа се состојби на ликот, индивидуализирани карактери за кои чинот е примарен, а дијалогот е меѓусебен, односно помеѓу фигурите и хоризонтот или фигурите и животните (мачка, лисица, буф, папагал). За мене пак, најевокативните дела се токму оние, каде човековиот поглед, предизвикувачки отсуствува и каде ликот дрско му врти грб на посетителот окупирајќи, престојувајќи и уживајќи во сопствениот универзум. Свесно или несвесно, иако не се класични портрети, тие се модерни наследници на постренесансната европска уметност.

Corvi-Mora

* * * * *

Линет Јадом Боaќе е родена во 1977 година во Лондон, каде живее и работи. Нејзините родители работеле како болничари во National Health Service по емирирањето од Гана. Дипломирала во 2000 година на Falmouth College of Art, а во 2003 магистрирала на Royal Academy Schools.

Нејзината кариера оди по нагорна линија, откако, Okwui Enwezor, нигериски кустос, уметнички критичар, писател, поет и педагог, кој живеел во Њујорк и Минхен, и се смета за еден од најмоќните луѓе во светот на уметноста, во 2010 година ја препознава нејзината работа и ѝ приредува изложба во Studio Museum во Харлем.

Линет Јадом Боaќе, покрај своите уметнички дела предава и на Ruskin School of Art, Oxford University, каде е и гостин тутор на програмата Master in Fine Arts.

Таа исто така е на списокот меѓу „топ 10“ на највлијателните луѓе на африканско или африканско-карипско наследство во Велика Британија во 2020 година.

Автор: д-р Петрула КОСТОВСКА, историчар на уметност

(Специјално за Порта 3 од Лондон)

13_resize

4_resize

3_resize

1_resize

Испрати коментар

Scroll To Top