Господине Димитров, измените во Законот за градење со кои ИЗИИС се овластува да издава мислење за сеизмичката стабилност на објектите, наиде на реакции во стручната јавност и голем број компании. Реагираше и Комората чиј претседател сте Вие. До каде се работите во моментов со оглед на актуелноста на ова прашање?
-Точно е дека измените во Законот за градење дефинирани во чл. 4-а, а објавени во Службен весник бр.163 од 26.11.2013 година наидоа на реакции во стручната јавност и кај компаниите. Комората уште во декември минатата година реагираше по ова прашање до надлежното министерство, со детално образложение од сите аспекти кои ќе имаат реперкусии во градежништвото воопшто. Комората ги поддржува сите заложби на Владата и Министерството, насочени кон зголемување на контролата и квалитетот на градбите и за тоа имаме доставено предлог за измени на Законот за градење. Наместо да се дефинираат построги критериуми за проектирање, ревизија, изведба и надзор и издавање на овластувања од овие области, прифатено е решение со дополнително мислење од ИЗИИС, кое за жал се однесува за сите објекти, без разлика на нивната големина, сложеност, вид и други параметри.
Одговор на нашите укажувања не добивме, освен што се прифатени нашите забелешки за непотребноста на мислењето за објектите за кои е поднесено барање за одобрение за градење, или се веќе во реализација. Во натамошниот период, по ова прашање ќе биде организирана тркалезна маса на која ќе бидат поканети претставници од сите заинтересирани страни на кои се однесуваат овие законски измени. Се надевам дека ќе најдеме заедничко решение и ќе овозможиме низ соработка и коректен дијалог да изнајдеме начин за зголемување на квалитетот на градбите.
Неодамна бевме сведоци на реакции на стопанственици дека мерката донесена со Законот можеби ги потценува знаењата и стручноста на проектантите, а има и забелешки од страна на инвеститорите дека ќе мораат долго време да го чекаат мислењето, со што им се одолжуваат работите. Колку ваквите реакции, според Вас, се оправдани?
-Реакциите на стопанствениците и овластените инженери се секојдневни, а револтот оправдан, бидејќи сите сметаат дека се девалвирани знаењата и стручноста на проектантите и ревидентите. Ставот на Комората беше: ако е потребно вакво мислење, тогаш тоа треба да се однесува за објектите од посебна важност за државата и за сложени објекти, како мостови со големи распони, згради над 15 ката, болници, архиви, театри, стадиони, брани и други објекти од висок ризик, а не и за куќи од 50 м2. Македонија има спремни проектанти и ревиденти, а сите досега изградени објекти во државава се проектирани од домашни проектанти и ревиденти. Прифатливо е системско решение за подобрување на квалитетот на градењето, но ваквото решение нема да даде соодветни резултати. Има реакции на рокот за добивање на мислењето, а во поедини општини до крајот на март 2014 год. не се издадени одобренија за градење по воведување на потребата од мислењето од ИЗИИС.
Нè радува тоа што е прифатена една од нашите забелешки, дека мислењето не е потребно за градбите за кои е поднесено барање за одобрение за градење, или е издадено одобрение за градење до денот на влегување во сила на Законот за измена и дополнување на Законот за градење (Сл. весник бр.163/13). Со оваа измена, објавена во Службен весник бр. 28/14 од 6. 2. 2014 година донекаде се исправија грешките за започнатите објекти.
Сметам дека е пожелно во наредниот период да се направи една анализа на досегашната примена на овие измени, и врз основа на таа анализа ова решение да претрпи одредени измени. Во спротивно, треба да се очекуваат намален интензитет на градење, намален прилив на ДДВ, зголемен број на дивоградби, особено во руралните делови, намален ангажман на инженерскиот надзор, а зголемени трошоци за инвеститорите, особено за големите објекти… (прочитајте повеќе во број 219)