Насловна / Вести / Битола ќе добие Јавно комунално претпријатие за урбанизам

Битола ќе добие Јавно комунално претпријатие за урбанизам

orbis bitola

Битола ќе добие ново Јавно комунално претпријатие за Планирање и проектирање, чија цел ќе биди изработка на генерален и детален урбанистички план, најави градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, информира порталот „Орбис“.

Ваква одлука паднала заради новоизмените закони според кои голем дел од деталните урбанистички планови треба да се променат. Со новите планови кои ќе се изработат треба да се даде можност за проширување на градот и инвестиции кои ќе допридонесат за развој на општината.

„Јавното комунално претпријатие ќе се занимава со генералниот и деталниот урбанистички план и дел од проектите кои се потребни за општината. Цениме дека вака многу ќе ја забрзаме целата работа и оние граѓани кои чекаат да им биде решен нивниот предмет со што луѓето ќе можат да добијат одобрение за градба“, изјави Владимир Талески, градоначалник на општина Битола.

Формирањето на новото Јавно комунално претпријатие за урбанизам, градоначалникот Талески го најави на денешната средба со директорот на Управа за имотно правни работи, кој денес беше во посета на подрачното одделение за имотно правни работи во Битола каде имаше отворен ден со граѓаните кои беа информирани за состојбата со отворените предмети и барања за приватизација, како и други прашања од имотно-правната сфера. На средбата беше најавен и новиот заеднички проект меѓу општината и Управата за имотно правни работи.

„Тимови на Управата за имотно-правни работи со претставници на општината ќе ги посетуваат населените места во општина Битола и маалата при што од граѓаните ќе се информираат за проблемите со кои се соочуваат“ – пренесе Зоран Крстаноски, директор на Управа за имотно правни работи

„Мислам дека во оваа екипа можеби ќе треба да вклучиме и претставници од катастарот, а она што за нас е најважно е легализацијата. Она што следи идниот период е тоа дека во заеднички договор ќе бидат лоцирани местата каде има најмногу случаи за решавање. Ние имавме околу 12 000 барања за легализација, од кои над 5 000 се веќе завршени, а другите се во постапка“,  истакна Владимир Талески, градоначалник на општина Битола.

Директорот на Управата за имотно правни работи ја искористи можноста да апелира до сите подносители на барања за приватизација да се јават во одделението, бидејќи во Битола биле евидентирани околу 2000 некомплентни барања, со цел забрзување на постапката за приватизација.

Испрати коментар

Scroll To Top