Насловна / Архитектура / Биографија на едно архитектонско дело: Телекомуникациски центар – Скопје, архитект Јанко Константинов

Биографија на едно архитектонско дело: Телекомуникациски центар – Скопје, архитект Јанко Константинов

plakat-za-ilozba-janko-konstantinovski

Во петок, 11 ноември, во 20 часот во Музејот на град Скопје ќе се отвори изложбата Биографија на едно архитектонско дело: Телекомуникациски центар – Скопје, архитект Јанко Константинов.

Истражувањето, изложбата и изданието „Биографија на едно архитектонско дело: Телекому­ни­кaциски центар – Скопје“ се поттикнати од желбата за проучување на архитектонското творештво од периодот на Модерната, како еден од најзначајните слоеви во историјата на развојот на македонската и светската архитектура.

Темата на истражувањето е насочена кон утврдување на денешното место, улога и значење на истакнатите примери од модернистичкото архитектонско наследство, преку повторен ос­врт врз нивната историја. Денешниот поглед кон минатото означува денешна перспектива на гледање на нештата и се однесува на прашањата што се актуелни за сегашните генерации и за сегашното време. Преку поставување на тие прашања на историските извори сакаме да го утврдиме нашиот поглед и нашето толкување на историјата.

telekomunikaciski-centar
Истражувањето тргнува од убедувањето дека во позадината на фактите од историјата (на една градба), честопати се прикриени нивните заемни врски, но и низа комплексни околности и дадености од различна природа (општествени, политички, социјални, културни, емотивни, лични…), кои се наоѓаат во тесна причинско-последична врска со самите факти и без кои тие не би го имале значењето што го имаат, или како такви не би ни постоеле.

Предмет на истражување е архитектурата на Телекомуникацискиот центар во Скопје, дело на архитект Јанко Константинов. Како едно од најзначајните остварувања на македонската мо­дер­на, архитектурата на Телекомуникацискиот центар во Скопје претставува една од нај­спе­цифичните локални интерпретации на бруталистичкиот наратив, кој во доцните шеесетти години на минатиот век ќе изврши глобално влијание врз развојот на светската архитектура. Во вид на историски (архитектонско-уметнички) монумент со впечатливи димензии, компо­зиција, материјалност, текстура и појавност, Телекомуникацискиот центар доминира во не­пос­редниот простор, истовремено и припаѓајќи и неприпаѓајќи на нашето секојдневие. Ваквата негова специфичност и значење беа основниот поттик да се прочепка во неговите историски белешки со цел тој по првпат да биде темелно истражен.

Испрати коментар

Scroll To Top