Насловна / Вести / Биодизел од отпушоци

Биодизел од отпушоци

Построгите еколошки норми и загадувањето предизвикано од согорувањето на фосилните горива, бараат решенија во вид на почисти горива како биодизелот. Биодизелот е обновливо гориво произведено од растителни масла, животински масти и рециклирани масти од ресторани, индустрија и домаќинства. Конвенционалните дизел мотори без тешкотии користат гориво со 20% биодизел, а многу нови мотори веќе можат да користат и биодизел. Без оглед на тоа дали се користи во чист облик или како мешавина со конвенционален дизел, биодизелот е една од најдобрите алтернативи на фосилните горива и пружа решение за намалување на емисиите. Но најголемиот недостаток се високите трошоци за производство и потенцијалното загадување од изворите на биомаса. Ефикасно решение за намалување на цената е мешање на биодизелот со триацетин, кој придонесува за зголемување на неговата запаливост. Но, триацетинот обично се произведува со хемиски реакции и со таквите постапки се создава токсичен и друг отпад.

1_90

Тим литвански научници од Техничкиот универзитет во Каунас  (KTU) и Литванскиот енергетски институт (LEI) осмислиле начин за намалување на трошоците на производство. Тие развиле еколошки прифатлив начин за екстракција на триацетин од отпушоци на цигари. Употребата, односно рециклажата на отпушоците на овој начин го намалува отпадот, го става во одржлива употреба и ги намалува трошоците за производство на триацетин. „Триацетинот, клучното соединение кое се користи за производство на биодизел, го има во изобилство во филтрите на цигарите“, објаснува главниот истражувач од KTU.

Научниците спровеле експеримент користејќи пиролиза – процес на термичко разградување на отпушоците во реакторот, на различни температури на реакција: 650, 700 и 750 степени Целзиусови, со цел да ги откријат оптималните услови кои даваат најголема количина на триацетин. Резултатите се претставени во студијата „Пиролиза на отпушоци како одржлива стратегија за екстракција на триацетин за поефтино и поефикасно производство на биодизел“. Оваа студија експериментално покажува дека процесот на пиролиза има голем потенцијал за одлагање на отпадот од цигарите и дека може да се користи како одржлив извор на триацетин. Со пиролиза, литванските научници од отпушоците добиле масло, саѓи и гас. Најголема количина на триацетин е издвоена на температура од 750 степени Целзиусови. Добиеното масло имало голема содржина на триацетин. Сите овие производи имаат реална примена. Саѓите, кои во овој случај се богати со калциум, може да се користат како ѓубриво, или како апсорбент за пречистување на отпадни води, како и за складирање на енергија. Гасот може да се користи во енергетски цели. Маслото е богато со триацетин, кој може да се користи како адитив во производството на биодизел, заради намалување на трошоците.

Но, со цел интегрирање на било која нова технологија за третман на отпадот во системот на циркуларна економија, мора да постои систем за собирање на отпадот и стратегија за рециклажа, како и инфраструктура, порачуваат научниците и истакнуваат дека ќе продолжат да работат на развојот на решенија за рециклирање на отпушоците.

Испрати коментар

Scroll To Top